Попоски - Даниелсон: Непочнувањето преговори со Македонија го нарушува кредибилитетот на ЕУ

Министерот за надворешни работи на Република Македонија, Никола Попоски, денеска во Брисел се сретна со генералниот директор на Директоратот за проширување на Европската унија, Кристијан Даниелсон, кој му дал до знаење дека Европската комисија ги алармира земјите-членки на Унијата дека непочнувањето на преговорите со Македонија има сериозна цена за кредибилитетот на ЕУ.

Како што јавува дописникот на МИА од Брисел, Попоски и Даниелсон, разговарале за неколку најзначајни теми за нашата европска интеграција.

- Од аспект на Комисијата, во прв ред, значајно е да ја задржиме динамиката на спроведување на реформите поврзани со Пристапниот дијалог на високо ниво (ХЛАД). Во остатокот од поглавјата каде секаде е констатирано дека имаме континуиран напредок низ годините, треба веќе да имаме активности кои се поврзани и со водење на преговори. Во делот на комуникацијата меѓу Комисијата земјите-членки на ЕУ, сметам дека значајно е тоа што ЕК го повторува фактот дека одложувањето на почетокот на пристапните преговори има сериозна цена за кредибилитетот на европската агенда со земјите кои се предмет на проширувањето. Со Македонија, оној принцип на стриктен, но фер третман на земјите-кандидати, навистина е прекршуван веќе подолг временски период, вели Попоски во изјава за МИА.

Според министерот, тој и Даниелсон разговарале за тоа како може да се придвижат овие процеси, како најдобро неформаланата Влада на Унијата да се вооружи со аргументи преку континуиран прогрес во клучните поглавја што се поврзани со европската агенда. Тие нотирале дека е потребно да се има зголемен дијалог во следниот период по сите оние теми кои се поврзани со владеење на правото и се значајни во текот на водењето на преговори.

- Директорот на Генералнтио директорат за проширување го запознав со покрупните законски решенија кои се во тек на спроведување и сето она што се надеваме да го спроведеме следните неколку месеци. Разговаравме и за перспективата до Самитот на Европскиот совет, каде што мислам дека оценката беше јасно споделена дека просторот за влијание врз Грција е прилично ограничен и многу тешката економска и внатрешно-политичка ситуација во Грција ја прави грчката позиција покомфорна, оти никој нема големо влијание надвор од клучните теми поврзани со средување на нивниот финансиски долг и целокупната економска состојба, додаде Попоски.

Сепак, шефот на дипломатијата потенцира дека е во македонски интерес да се продолжи со дијалогот, кој е инициран со јужниот сосед, без разлика на недостатокот на позитивни сигнали од нивна страна. Тој вели дека Македонија ќе биде проактивна и ќе се обиде што е можно повеќе да соработува на практично поле со соседот во наредниот период.

- Сепак, сметам дека за нас е значајна оценката на ЕК, дека е во интерес на Унијата да не се дозволи неоправданото продолжување на периодот пред почеток на преговорите на Македонија, рече Попоски.

На прашањето дали има идеја во Еврокомисијата како да се надмине веќе очекуваното грчко вето на Самитот на Советот во декември, а со цел да се задржи кондицијата во однос на македонската евроинтеграцијата, оти ЕК предложи почеток на скрининг-процесот што исто зависи од одлуката на земјите-членки, Попоски со одговор:

- ЕК е на линија дека ние во секој случај треба да ги продолжиме реформите. Тоа е и наша определба оти сите реформи кои ги спроведуваме ги правиме пред се за граѓаните и даночните обврзници на Република Македонија. Од друга страна, самата Комисија токму затоа на највисоко ниво ја издигнува пораката дека блокадата на Македонија има сериозна цена оти е неоправдана со оглед на тоа што сме ги оствариле критериумите и во моментов е ангажирана на комуникација на ушатување на таа порака дека цената на чинење на нереализираните ветувања од страна на Европската унија и неможноста да се справи со оној што не блокира внатре во Унијата е навистина висока и не треба да биде потценета - дециден е македонскиот министер.

Во следниот период, според Попоски, најголем фокус ќе се посвети на поглавјата кои се поврзани со владеење на правото, што како што вели е и во интерес на Македонија оти тој дел ќе има најголеми ефекти и тоа ќе ја подобри бизнис-климата во државата, ако има континуирано подобрување во овој сегмент.

- Во рамки на Пристапниот дијалог, ова го имаме дефинирано како главна тема и тој дијалог се занимава со оние теми што се најзначајни за Македонија да почне и да заврши преговори со Унијата. Во однос на другите сегменти и поглавја, надвор од ХЛАД-от, Комисијата години наназад констатира дека имаме многу високо ниво на усогласеност и всушност во многу од тие полиња нашата усогласеност со европското е како на ниво на земја-членка и неретко се случува во споредбите да сме на исто ниво со поголемиот дел од членките на ЕУ - потенцира Попоски.

Со овој состанок министерот за надворешни работи на Република Македонија ја заврши својата дводневна работна посета на Брисел. Но, Попоски во европската престолнина се враќа в понеделник (2. декември) каде ќе има настап на конференција на угледната невладина организација „Пријатели на Европа“, а ден потоа ќе учествува и на состанокот на шефовите на дипломатиите на земјите-членки и идни членки на НАТО.