Договорена соработка со Лондонската кралска болница за обука на медицински персонал од Македонија
Премиерот Никола Груевски попладнево ја посети Лондонската кралска болница каде што договори соработка за обука на медицински персонал од Македонија.
- Уште во текот на следната недела Министерството за здравство треба да испрати детали за сите обуки кои се потребни во текот на наредната година, по што нашиот амбасадор во Лондон ќе ги договори деталите во смисла на распоред кој кога може да дојде и на крај се ќе зарши со потпишување меморандум за соработка на база на кој следната година ќе испратиме поголем број лекари, медицински сестри и друг вид персонал во најголемиот ланец на болници во Лондон, изјави премиерот Груевски по посетата на болницата.
Обуката, како што појасни, ќе опфати и друг медицински персонал, вклучувајќи и менаџери на болници, фармацевти и се она што е поврзано со болниците и клиниките во Македонија.
Премиерот Груевски истакна дека Владата голем дел од енергијата ја насочува во опремување на болниците, нивна реконструкција, како и во реформи во однос на надградувањето на лекарите.
– Цениме дека една од клучните работи е обуката на лекарите, бидејќи медицината секојдневно оди напред, излегуваат нови методи за лекување и дијагностицирање. Затоа воспоставуваме пракса нашите лекари и медицински персонал да имаат континуирана обука во поразвиените земји, рече Груевски.
За таа цел последната година и половина, додаде, секаде каде што патува практикува да оствари контакти со најуспешните болници, како што досега е направено со болниците во Хилтон, Лос Анџелес и други.
Али Џахад, директор за меѓународна соработка на Кралската болница во Лондон, истакна дека има многу можности за соработка со Македонија.
- Можеме да соработуваме во обука на лекари, медицински техничари и друг медицински персонал, кои потоа ќе го пренесуваат стекнатото знаење на своите колеги во Македонија. Можеме да разменуваме и искуства за управувањето со болниците, изјави Џахад.
Кралската болница во Лондон е една од најголемите медицински центи во Велика Британија и во Европа. Покрива многу области во медицината, а во неа се извршуваат и најсложени операции Има високо софистицирана опрема и високо стручен персонал. Болницата дневно им дава услуги на околу 10 илјади пациенти, има 380 лекари специјалисти, 650 други лекари и 7.500 медицински техничари.
Сепак и покрај можностите и искуството на Кралската болница, Џахад вели дека и британските лекари имаат интрес за соработка со нивните колеги од Македонија, бидејќи, како што вели, тоа е двонасочен процес и секогаш може да се научи нешто еден од друг.
Во рамки на работната посета на Велика Британија, премиерот Никола Груевски денеска имаше средба и со претседателот на ЕБРД Сума Чакрабарти.
Утре е форумот за презентација на македонската бизнис клима на кој Груевски заедно со вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески, министерот без ресор Веле Самак и директорот на Дирекцијата за технолошко-индустриски развојни зони Виктор Мизо, ќе ги презентираат можностите за инвестирање во Република Македонија.