Отворена дисперзирана канцеларија на Агенцијата за вработување во Јегуновце

Министерот за труд и социјална политика Диме Спасов, директорот на Агенцијата за вработување Владо Поповски и градоначалникот на општина Јегуновце Тони Коцевски денеска го пуштија во употреба дисперзираното одделение на Агнецијата за вработување во оваа општина во тетовско.

- На овој начин продолжуваме со реализација на еден од нашите приоритети да ги доближиме услугите од сите институции во состав на министерството поблиску до граѓаните. Ова дисперзирано одделение на Агенцијата за вработување ќе работи со полно работно време и во него ќе можат да се добијат сите неопходни услуги што досега жителите на Јегуновце и околните места ги користеа во Тетово така што сите оние 500 до 600 граѓани што секојдневно мораа да одат до градот сега тука ќе може да се пријават во евиденцијата за невработени, да се одјават од едно и да се пријават на друго работно место, да аплицираат за една од активните мерки за вработување и за други услуги, рече министерот Спасов.

Тој најави дека од следната недела во општина Јегуновце ќе започне  со работа и дисперзираното одделение на Центарот за социјална заштита со што на жителите ќе им се овозможи полесен пристап до сите мерки од системот на социјална заштита како социјална и постојана парична помош, надоместокот за нега на друго лице, правата од сферата на детскаат заштита како родителски и детски додаток, еднократниот надоместок за новороденче... Спасов рече дека со отворањето на истурени канцеларии од Агенцијата за вработување и од Центарот за социјална заштита ќе се продолжи и во следниот период. Ова е 10 диперзирана канцеларија на Агенцијата за вработување а досега се отворени и вкупно 32 подрачни оддленеија на Центарот за социјалан работа низ целата држава.

Според директорот на Агенцијата за вработување Владо Поповски при разгледувањето на следните места каде треба да се отворат вакви оддленија ќе биде земено предвид како бројот на невработените, така и капацитетите на стопанството и бројот на правните субјкети бидејчи како што рече Поповски примарна задача на овие оддленија нема да биде евиденцијата на невработените туку можноста за нивно вработување поради што ќе биде остварен контакт и со работодавачите во местата предвидени за ова.

За градоначалникот на општина Јегуновце, Тони Коцевски станува збор за вистинска децентрализација на надлежности на локално ниво и намалување на трошоците и во пари и во време на граѓаните од општината за остварување на социјалните права.

Општината ќе ги стави на располагање сите свои инфраструктурни и други капацитети жителите на Јегуновце и околните населени места социјалните права да ги остварат во својата матична општина што е наша обврска, како локална самоуправа и што е прифатена и од централната власт рече Коцеввски.

Одговарајќи на прашање околу информациите дека во општините Куманово и Струмица не се прифаќаат лицата избрани на проектот за вработување на 1.600 социјални случаи Спасов рече овој проект бил  еден добродетелски, хуман и благотворен проект за да им се помогне на граѓаните што се во најтешка финсиска положба, од многудетни семјства, долгорочно невработени и така натаму и оти човечки е да се прифатат овие луѓе.

- Замислата беше лицата да се вработат во поголем број институции во рамките на државата за тие да обезбедат постојана работа соодветно на нивното образование, подготвеност и соодветно на работното место утврдено во систематизацијата. Човечки е да се прифатат и ангажираат тие луѓе. Ако некој е од Струмица и таму има одредени институции каде што може  да работи потребно е тој да биде примен таму. Се работи за хуман аспект што не се почитува од две општини од  политички причини, рече Спасов.

Во однос на проектот со изградба на нова детска градинка во Гостивар Спасов рече дека тука во мометот се работи на измени и дополнувања на урбанистичката планска документација со што ќе се овозможи изградба на градинка додека во контактите со градоначлникот Невзат Бејта било утврдено дека треба да се искористи можноста за добивање кредит од Светската банка  за оваа намена под многу поволни услови - три години грејс период, 13 години за отплата и годишна камата од околу 1 отсто.

За лошите услови на градинката во Јегуновце Спасов најави дека по завршувањето на градежно проектна документација што се работи во општината ќе се утврди дали ќе се инвестира во обнова на постоечкиот, адаптација на друг објект или пак ќе се изгради сосема нов објект за прифат на децата од предучилишна возраст од оваа општина.