Министерот Попоски на Северноатлантскиот Совет на НАТО во ИСАФ -формат во Брисел

На редовниот годишен состанок на министрите за надворешни работи на Северно – атлантскиот Совет на НАТО во ИСАФ формат, што се одржа на 4 декември 2013 година во седиштето на НАТО во Брисел, министерот за надворешни работи на Република Македонија Никола Попоски, ја реафирмираше подготвеноста на Република Македонија, во рамки на своите можности и капацитети, активно да учествува во градењето на стабилна и безбедна иднина на Авганистан, во мисијата на НАТО „Одлучна поддршка,“ по 2014 година.

Притоа, министерот Попоски истакна дека со зајакнати заеднички напори ќе се создадат позитивни безбедносни предуслови за развој на демократското општество во Авганистан, почитување на човековите права, организирање на фер и демократски претседателски избори, а така ќе се даде и импулс на економскиот развој на земјата и  ќе се придонесе кон зголемување на соработката на Авганистан со земјите од регионот.

Истовремено, на состанокот се разгледаа аранжманите за финансирање на авганистанските национални безбедносни сили по 2014-та кога се предвидува и да заврши Мисијата ИСАФ, согласно превземените обврски од Самитот на НАТО во Чикаго.

“Република Македонија е една од најголемите контрибутори, по глава жител, кон безбедноста на Авганистан во рамки на ИСАФ мисијата, иако не е членка на НАТО”, истакна министерот Попоски.

На маргините на состанокот министерот Никола Попоски имаше повеќе билатерални средби со неговите хомолози, меѓу кои и со министерот за надворешни работи на Авганистан, Зарар Ахмад Османи. Двајцата министри разговараа за развојните потреби на Авганистан по 2014-та, откако Авганистанските безбедносни сили потполно ќе превземат одговорност за обезбедување на целата државна територија.