Министерството за култура ќе субвенционира преводи на македонски дела во странство

Во  јануари 2014 година Министерството за култура првпат ќе објави конкурс за финансирање преводи на репрезентативни и квалитетни дела од македонската литература на странски јазици. Конкурсот за превод, кој ќе биде отворен преку целата година, е меѓу приоритетите во Националната стратегија за развој на културата 2013-2017.

Согласно конкурсот, Министерството за култура ќе финансира преводи на репрезентативни и квалитетни дела од македонската книжевност на странските јазици во категориите: уметничка проза, драма, поезија, есеи, литература за деца, антологиски и други жанровски избори од областа на книжевноста наменета за поширок круг читатели.

Конкурсот ќе се однесува на дела објавени во Република Македонија на македонски јазик и на јазиците на етничките заедници во државата. Министерството ќе доделува средства за превод на литературното дело, а право на учество на конкурсот ќе имаат исклучиво странски издавачи.

Конкурсот ќе биде објавен на веб-страницата на Министерството за култура, а исто така преку дипломатско-конзуларните претставништва на РМ ќе бидат поканети најпознатите европски издавачки куќи. Комисијата која ќе биде формирана за одобрување на проектите, ќе ги разгледува секој месец. Апликацијата ќе биде електронска и едноставна, за странските издавачи да имаат лесен пристап до нашите автори, дела и издавачки куќи.

- Нашите анализи укажаа дека на годишно ниво многу малку странски издавачи преведуваат дела на автори од Република Македонија, не поради фактот што нашето творештво не заслужува внимание, туку поради економската поддршка која издавачите ја добиваат од европските земји кои го применуваат овој модел. Затоа сметавме дека треба да ја примениме оваа практика и обезбедивме значителен фонд на средства од буџетот на Министерството за култура, со кои ќе ја помогнеме реализацијата на овој проект, истакна министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска на прес-конференција.

Текстот на конкурсот го подготви Министерството за култура во соработка со повеќе стручни лица. Тојј беше одобрен и од Владата на РМ и испратен на мислење до Македонската академија на науките и уметностите, Друштвото на писателите на Македонија, Сојузот на литературните преведувачи на Македонија и Сојузот на писатели Албанци на Македонија, кои доставиле свои предлози и сугестии што се имплементирани во текстот на конкурост.

Претставници на овие институции на прес-конференцијата истакнаа дека првпат се прави значаен чекор за широка и стабилна меѓународна афирмација на македонската литература, што ќе има повеќекратен ефект и за промоција на македонската култура воопшто.

Претседателот на Друштвото на писателите на Македонија Раде Силјан рече дека конкурсот е конкретна акција која продуктивно ќе влијае за афирмација на македонското книжевно творештво и него ќе го доближи до странските читатели. Притоа напомна дека голема улога во целиот процес ќе имаат лекторатите по македонски јазик низ светот и Семинарот за македонски јазик во Охрид, кој го посетуваат многу странци, познавачи на македонскиот јазик.

Ратко Дуев, претседател на Комисијата за издавачка дејност во Министерството за култура, истакна дека конкурсот со кој ќе се субвенционира преведувањето македонски дела, е можеби најважен проект значаен за македонските автори со кој, како што рече, нашата творечка мисла ќе излезе надвор од нашите граници.

Академик Владо Матевски додаде дека МАНУ ја поддржал акцијата уште како иницијатива и посочи дека е меѓу првите чекори во реализацијата на Стратегијата за култура.

Во соседните земји веќе функционираат агенции за промоција на книгата, па издавачот Нове Цветановски, кој е и меѓу иницијаторите, истакна дека Македонија со овој потег се вклучува во трендот што во Европа го има десетина години.