Штипскиот универзитет доби меѓународен сертификат

Универзитетот „Гоце Делчев“-Штип денеска доби сертификатите за применување на системот за управување во согласност со ИСО 9001:2008 од познатата меѓународна агенција Тиф Норт.

По тој повод ректорот на Универзитетот „Гоце Делчев“-Штип, Саша Митрев и министерот за образование и наука Спиро Ристевски ги примија сертификатите.

Митрев вели дека по напорната работа во текот на изминатите години, штипскиот универзитет ги доби сертификатите, кои значат потврда за работата на сите научни работници и студенти на 13-те факултети.

- Добивањето на сертификатите значи на некој начин интернационализација и признавање на сите процеси и на сите постапки кои што ги врши Универзитетот и секако за услугите кои ги дава и ги нуди на пазарот во вид на дипломи.  На овој начин се сертифицирани и одобрени од меѓународна призната куќа, рече Митрев.

Министерот Ристовски истакна дека ова е доказ за успешната работа на универзитетот „Гоце Делчев“-Штип.

- Признавањето на целокупните процедури, стандарзирирани согласно меѓународната сертификација е само доказ за успешната работа на овој Универзитет. Јас верувам дека ова ќе биде поттик и пример со кој ќе се мотивираат и другите универзитети во Република Македонија на ист принцип и на ист начин да продолжат да ги спроведуваат своите проекти и на тој начин процедурите и процесите кај нив да бидат меѓународно признаени, односно стандардизирани согласно меѓународна сертификација, рече Ристовски.

Денешниот успех на универзитетот „Гоце Делчев“, како што посочи, е дополнителен успех и за високообразовниот систем во Република Македонија. - Ве уверувам дека како Министерство и како Влада по сите основи ќе продолжиме да го подржуваме универзитетот, кој е од исклучително значење за Република Македонија, а посебно за Штип и за овој регион. Неговиот развој од ден во ден значи дека Владата донесе правилна одлука кога пред неколку години одлучи да се отвори овој Универзитет, иако во тој период имаше големи сомнежи дали е тоа правилна одлука, дури имаше и некои структури кои се противеа на тоа, рече Ристовски.

Претставникот на меѓународната агенција Тиф Норт, Стојан Јотов вели дека имаат над 70.000 сертифицирани компании и институции, а со добивањето на овој меѓународен сертификат значи и признавање на дипломите на  студенти, амгистрантите и на докторантите во целиот свет.