Груевски: Поддршка од Владата за реализација на инвестициите

Премиерот Никола Груевски ги повика германските бизнисмени да ги истражат и искористат инвестициските можности и предности што ги нуди Македонија, со макроекономската стабилност и скратените процедури за почнување бизнис, со малку бирократија.

- Несомнено странските инвестиции имаат големо значење за македонската економија поради што како Влада сме подготвени да излеземе во пресрет и да ја обезбедиме севкупната поддршка за реализација на инвестициите, истакна премиерот Груевски во обраќањето на економскиот форум „Европа 20–20: Предизвици и реформи за стопанството и животната средина, што се одржува денеска во Скопје во организација на Фондацијата „Конрад Аденауер“ и Европската бизнис асоцијација.

Пред претставници на компании од Германската стопанска комора во Македонија и Европската бизнис асоцијација Груевски ги претстави актуелните економски прилики во Македонија, осврнувајќи се на преземените реформи за подобрување на бизнис-климата, очекувањата за состојбите во економијата и за резултатите од преземените активности. Германија, истакна Груески, е важен трговски партнер на Македонија, а реализацијата на неколку покрупни гринфилд инвестиции од оваа држава дава нова димензија на македонско-германската соработка.

- Македонија успеа да се наметне како земја од која на германскиот пазар се испраќаат производи со повисока технолошка вредност. Ова ја подобрува перцепцијата кај германските бизнисмени и претставува силен аргумент Македонија да биде следната локација за нивните инвестиции, рече Груевски, укажувајќи оти потврда за тоа се последните статистички податоци според кои Германија е најзначаен трговски партнер на Македонија со вкупна надворешна трговска размена од 1,4 милијарди евра во 2012 година. За периодот јануари – септември размената изнесува 1,2 милијарди евра што претставува раст од скоро 20 проценти споредено со истиот период лани. Извозот, како што посочи, во 2012 година изнесува 914 милиони евра и е скоро трипати поголем во однос на 2009 година.

Според Груевски, по износот на БДП од 0,3 отсто во 2012. како последица на должничката криза во ЕУ и на намалената надворешна побарувачка, последните макроекономски податоци покажуваат дека Македонија повторно остварува забележителни стапки на раст.

- Во првата половина од 2013 година БДП забележа раст од 3,4 отсто, што е четврто најдобро остварување во Европа за тој период. Охрабрувачки е што растот на БДП е на широка основа, при што сите сектори забележуваат позитивни стапки на раст. Подобрувањето на економската состојба во ЕУ позитивно се одрази на надворешната побарувачка со што извозот на стоки во првите десет месеци од годинава забележа раст од 5,1 отсто. Странските директни инвестиции изнесуваат 183 милиони евра во првите девет месеци од 2013 односно 2,3 отсто од БДП, и се 2,5 пати повисоки во однос на вкупните странски директни инвестиции во 2012 година, рече Груевски.

Истакнувајќи дека позитивните движења во 2013 година претставуваат солидна основа дека ќе се отстапи од првично проектираната стапка на раст на БДП од 2 отсто, премиерот наведе оти очекува дека ќе се оствари раст приближен на евидентираниот во првите шест месеци од годината.

Според Груевски, Владата постојано работи на подобрување на бизнис-климата со цел привлекување нови инвестиции и отворање работни места. Потврда за преземените реформи покрај од меѓународните финансиски институции, се конкретните инвестиции во државата како од германски, така и од останати компании од други држави. Особено е значајно, според македонскиот премиер, што некои од нив веќе реинвестираат, односно донеле одлука за втори инвестиции во Македонија.

Пред учесниците на економскиот форум Груевски потсети на поволностите за странски и домашните инвеститори во слободните економски зони, истакнувајќи дека за реализација на нивните инвестиции имаат постојана поддршка од македонската Влада која презема активности за стабилна макроекономска состојба.

Ги претстави и активностите со проектот регулаторна гилотина со која се овозможува, како што рече, помалку бирократија, а повеќе бизнис, како и тековните и идните активности во областа на енергетиката, патната и железничката инфраструктура, ..... 

Александра Наќева Ружин, претседател  на Европската бизнис асоцијација ги поздрави напорите на Владата за продолжување со реформите за унапредување на бизнис опкружувањето во земјата. Особено, истакна, подобрувањето на регулаторната рамка и нејзиното усогласување со европските стандарди и директиви, креирањето силно одговорна јавна администрација во земјата, опстојувањето и продолжувањето со даночен систем кој е конкурентен, транспарентен, ефикасен и едноставен во примената и унапредување што е за нас многу важно на бизнис инфраструктурата во земјата и работа на останатите клучни сегменти за конкурентност во глобалната економија.

- Евидентниот напредок во конкурентната позиција на РМ на глобално ниво го поддржува секако привлекувањето инвестиции, како на интернационален план така и активирање на домашниот капитал, а вложувањето во капиталните инфраструктурни проекти обезбедија бизнис ангажман меѓу другото и на домашните компании. Високото ниво на економска активност креираше нови инвестициски можности. Сето тоа заедно ги овозможи реализираните стапки на раст на економијата со кои со оглед на економските состојби во развиените западни економии можеме да бидеме задоволни, наведе Ружин.