Над 300 граѓани ја посетија Владата преку „Црвениот тепих“

Над 300 граѓани денеска имаат можност да се запознаат непосредно со работата на Владата преку посета на нејзините простории. Посетата се организира во рамки на манифестацијата „Црвен тепих за граѓаните“ што е дел од „Деновите на отворена Влада“.

Во рамки на обиколката граѓаните преку стручните служби ги посетуваат салата за билатерални средби, кабинетите на премиерот и потпретседателите, Генералниот секретаријат и Дебатната сала.

- Суштината е да се покаже полна транспарентност која се практикува во функционирањето, да може преку црвениот тепих граѓаните да дојдат во Владата за да се запознаат со амбиентот и да може да присуствуваат на некои од настаните. Да се создаде една позитивна интеракција бидејќи сепак ова е влада на граѓаните и добро е тие да се запознаат со нејзиното функционирање, изјави владиниот портпарол Александар Ѓоргиев.

Тој нагласи дека од година во година бројот на граѓани кои сакаат да ја посетат Владата е се поголем.

Деновите на отворена Влада започнаа со Денот на идеи, а ќе завршат со отворената седница на Владата која ќе се одржи на 21 овој месец.

Денешната манифестација се поклопи и со церемонијата на менување на државното знаме така што ученици и граѓани имаат можност да присуствуваат и на овој чин.

Манифестацијата „Црвен тепих за граѓаните“ се реализира од 2007 година.