Премиерот Груевски и министерот Спасов ги посетија децата од Домот „11 Октомври“

Премиерот Никола Груевски и министерот за труд и социјална политика Диме Спасов по повод претстојните новогодишни празници ги посетија децата и им поделија новогодишни пакетчиња на децата од Домот за деца без родители „11 Октомври“ во Скопје.

Со детски претстави, кои самите ги подготвиле, дечињата ја изразија својата благодарност за грижата што ја покажува државата кон нив.

Премиерот Груевски ја искористи приликата да им ги честита претстојните празници и да им посака многу здравје, среќа и успех во наредната година.

Министерот Спасов, пак, потенцира дека за Владата и Министерството за труд и социјална политика грижата за децата без родители и родителска грижа е и ќе остане врвен приоритет.

- Изминатиот период се спроведуваа голем број проекти насочени кон зголемување на поддршката на овие деца, како што е Програмата Д 10 преку која само годинава се вработени 83 лица кои имале ваков статус до својата 18 година во државните институции, а се зголеми и финансиската поддршка за децата кои го продолжуваат своето учење односно се запишуваат на факултет, постдипломски магистарски па дури и докторски студии во висина од 24 илјади денари месечно, рече Спасов.

Додаде дека е зголемена и еднократната парична помош при напуштање на Домот во висина од 180 илјади денари за разлика од претходно кога, како што рече, таа изнедувала 24 илјади денари, а им се доделуваат и станови со големи поволности.

- Сите проекти покажуваат дека се води грижа за овие деца, дека не се оставени на маргините на нашето општество. Како Влада и натаму ќе продолжиме да ги реализираме овие, но и слични проекти за да се зголеми поддршката за овие деца за да не се чувствуваат осамени и оставени сами на себе, рече Министерот Спасов.