МЖ „Транспорт“ ќе добие 150 нови товарни вагони

Македонски железници „Транспорт“ ги зајакнува капацитетите за превоз на стока со 150 товарни вагони. Договорот за набавка на вагоните го потпишаа денеска директорите на МЖ „Транспорт“ Оливер Дерковски и на словачката компанија „ЖОС Трнава“ Владимир Пор во присуство на министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески.

Со набавката во вредност од 13.208.750 евра МЖ „Транспорт“ ќе добие 75 отворени вагони и исто толку плато вагони. Отворените вагони се наменети за превоз на растресита стока како руда и јаглен, додека плато вагоните се од современ тип за превоз на контејнери, производи од метална индустрија...

Според министерот Јанакиески, со набавката на вагоните, како едно од главните барања  на компаниите МЖ Транспорт  ќе ги зајакне капацитетите  и ќе може да одговори на сите  идни предизвици за поефикасно превезување стока.

Согласно предвидената динамика во тендерската документација за набавката, како што информира Јанакиески, првата пратка од 10 вагони треба да пристигне за 40 недели од почнувањето на важноста на договорот, по што следи динамика на испорака на секои четири недели за преостанатите вагони. Испораката на сите 150 товарни вагони се очекува да заврши за 52 недели.

Покрај денеска склучениот договор,  во тек е набавка и на шест нови железнички гарнитури за патнички превоз, за што се очекува во јануари да заврши евалуацијата и на финансиските понуди, најави  Јанакиески.

Директорот на МЖ „Транспорт“ истакна дека набавките се прв чекор за промени во железницата по повеќедеценискиот застој во инвестирањето. Од пролет 2015 година Македонски железници ќе имаат комплетно обновен возен парк, најави Дерковски.

Со оглед дека за набавката на товарните вагони биле предвидени 15 милиони евра, но е избрана понуда со понизок износ, со преостанатите пари ќе се изврши набавка на уште 20 вагони.

МЖ „Транспорт“ располага со вкупно 950 товарни вагони во возна состојба, а двата типа вагони што сега се набавуваат, според Деркоски, се едни од најискористуваните, особено отворениот со кој се носат растресити стоки. - Исто така многу  побаруван е и другиот тип плато вагон којшто е специјален вагон затоа што на него ќе може да се возат два големи контејнери и ќе се зголеми капацитетот за превоз на контејнери, рече Деркоски, истакнувајќи дека иднината и на железничкиот транспорт е контејнерскиот превоз.

Генералниот директор на „ЖОС Трнава“ вети исполнување на договорот и изрази надеж за натамошна соработка.

– Гарантирам дека МЖ „Транспорт“ ќе бидат задоволни од нашите производи. Се надевам дека ќе ја продолжиме соработката и дека ќе учествуваме и на следните тендери, рече Пор.

Според министерот  за транспорт и врски, 2014 ќе биде година на инвестиции во патниот и железничкиот сектор. Покрај обновата на возниот парк,  до крајот на годината ќе се склучи договор и за почеток на изградба на првата делница за пругата кон Бугарија. Во тек е и постапката за избор на градежна компанија  за реконструкција на железничката станица во Скопје, а веќе се предадени и и проектите за рехабилитиација на уште десет железнички станици.  Се планира и објава на повик и  склучување договор за изградба на пругата Битола Кременица, наведе Јанакиески.