Средба на Адеми со поранешните министри за животна средина

Виновниците за загадувањето треба да ги бараме во нас, нашата свест и однесување кон животната средина, смета поранешниот министер за животна средина и просторно планирање Владимир Џабирски.

По денешната средба на поранешните министри за животна средина, што ја организираше актуелниот Абдилаќим Адеми по повод 15 години од постоењето на Министерството, Џабирски посочи дека доколку ги користиме благодетите на новите автобуси и се откажеме од нашиот комодитет да се возиме во автомобили, би дале голем придонес во заштитата на животната средина.

- Пред 40 години имавме поголеми загадувачи од типот на фосилните горива, кои се користеа во домаќинствата, старите автомобили, индустријата, топланите кои работеа на мазут, но тогаш немавме толку автомобили. Тие автомобили ги возиме ние граѓаните, кои обвинуваме некого за температурната инверзија за која се причина климатските услови, а не ја бараме во нас, во начинот на кој ние се однесуваме кон животната средина, нагласи Џабирски.

Од информациите на Управта за хидрометеоролошки работи ќе зависат и одлуката на Владата во петок, кога повторно треба да се разгледа состојбата со амбиентниот воздух.

- Вчера детално беше разгледана информацијата за амбиентен воздух, но и предлозите на опозицијата предложени во Собранието. Предлогот зимскиот распуст да почне одма го одбивме, бидејќи тој ќе почне од понеделник и може да го поремети целиот образовен процес не само во Скопје, туку и во цела Македонија, бидејќи одлуката ќе важеше за цела држава, изјави Адеми.

Министрите кои работеле во полето на животната средина на денешната средба раговарале за битните проекти кои се реализирале во нивните мандати, а се од голема важност за Република Македонија. Како пример го посочија проектот за спас на Дојранското Езеро, мониторинг станиците за следење на квалитет на воздух, законите за води, за животна средина и усогласуавње со европската легислатива, пополнување прашалници.

Заедничка констатација на сите била дека голем дел од проектите почнати во мандатот на еден министер биле продолжувани од неговиот следбеник.