Сто нови медицински методи во јавните здравствени установи

Клиниката за дигестивна хирургија во Скопје наскоро ќе почне да прави трансплантација на црн дроб, за која во Македонија годишно имаат потреба помеѓу 10 и 12 пациенти. Болните веќе нема да одат во странство за таа скапа интервенција, а македонскиот  здравствен систем ќе има голема заштеда.

Таа операција е меѓу покрупните нови медицински методи кои ќе се применуваат од септември 2014 во јавните здравствени установи. Од вкупно 100 методи, кои денеска ги најави министерот за здравство Никола Тодоров, 62 првпат ќе почнат да се прават во државата - на 30 универзитетски клиники во 24 специјалности, а останатите 38 методи веќе се прават на скопските клиники, но отсега ќе ги има и во болници низ Македонија.

Во  клиничките болници во Тетово, Штип и Битола, на пример, ќе се лекува крвавење од чир на желудник и пациентите повеќе не ќе мора да бидат праќани во Скопје. Ќе има и соодветна обука - за најновите методи докторите ќе се усовршуваат во познати медицински центри во Европа и во САД, а за методите кои ќе се прошират во болниците во внатрешноста,  обуката ќе биде на универзитетските клиники во Скопје.

Меѓу новите методи се и пресадување ’рскавица на Клиниката за трауматологија, реконструкција на нестабилно рамо на Ортопедија, на Кардилогија ќе има третман на покачен крвен притисок за пацинети кај кои не помагаат лекови, попрецизно и поограничено зрачење на туморско ткиво на Онкологија... За некои болници низ Македонија, новина ќе биде лапароскопска хирургија, ултразвучен скрининг во бременост за откривање аномалии, фако-метода за операција на катаракта...

Според Тодоров, новите методи ќе го зголемат опсегот на здравствени услуги, ќе го подобрат здравјето на пацинетите за кои тие ќе бидат поблиску и подостапни, и ќе го унапредат знаењето на македонските доктори.

- Првите методи ќе бидат достапни од септември оваа година, а Министерството за здравство ќе овозможи едукација на докторите за новите методи... Новите техники се помалку инвазивни, со намалена можност за инфекции, побрза и подобрена дијагностика на преносливи болести, намалување на времето за заздравување на оперативната рана и на времето на хоспитализација, рано откривање вродени аномалии и минимизирање морбидитетот, што е бенефит и за пациентот и за здравствениот систем, рече министерот за здравство.