Средба на министерот Димовски со кинескиот амбасадор Џивеи

Кинески компании од областа Сичуан  се заинтересирани за инвестирање во земјоделскиот сектор и нивни претставници во наредниот период ќе дојдат во Македонија за да  се запознаат со условите за инвестирање во сточарството, посебно во делот за одгледување на овци.

Амбасадорот на Народна Република Кина во Република Македонија Цуи Џивеи тоа денеска му го соопшти на министерот за земјоделство Љупчо Димовски, информирајќи го дека една четвртина од вкупното производство на земјоделски производи во НР Кина се остварува во провинцијата Сичуан.

Како што соопшти Министерството за земјоделство, Џивеј го известил министерот Димовски дека Сичуан е најголемата кинеска провинција, со 90 милиони жители и со најразвиено земјоделство, посебно во свињарството, каде годишно се одгледуваат по 90 милиони свињи.

Тој истакнал дека лично ќе се заложи за интензивирање на соработката меѓу двете земји, посебно во земјоделството и го поканил министерот Димовски да ја посети НР Кина оваа година.

- Ја имате мојата поддршка за која било инвестиција во областа на земјоделството, рече министерот  додавајќи дека Министерството и Република Македонија посветуваат големо внимание на односите меѓу две држави и дека веќе две години како Министерство активно учествуваме на саемите за земјоделство и вино во Народна Република Кина, со што уште повеќе ги зближуваме нашите две држави, соопшти Министерството за средбата.

За продлабочување на трговската соработка и унапредување на извозот на македонските земјоделско-прехранбени производи, со Народна Република Кина веќе е потпишан Меморандум за разбирање за понатамошна соработка во земјоделството и Протокол за фитосанитарни услови за извоз на тутун од Република Македонија во НР Кина, со што формално правно веќе е овозможена соработката во областа на земјоделството.  Извозот на вино на кинескиот пазар во 2013 година споредено со 2012 е зголемен за 4,5 пати, што претставува дополнителен мотив за уште поактивно работење за поголемо присуство на македонски земјоделски производи на кинескиот пазар, информира Министерството за земјоделство.