Владата го решава проблемот на професионалните војници и на стечајците од државни фирми

Прес-конференција на претседателот на Владата на Република Македонија, г-дин Никола Груевски.

Почитувани,

Владата на Република Македонија денеска донесе две крупни одлуки кои засегаат и решаваат предизвици на над 7000 граѓани во државава.
По подолги анализи, а врз основа на дебати и иницијативи низ јавноста, иако овие одлуки не беа во нашата изборна програма, сепак увидовме дека има простор за да се реализираат. Одлуките се однесуваат, прво на стечајните работници за кои се проширува опфатот на важност на постоечкиот закон за добивање на паричен надоместок преку воведување на нова граница за опфат на стечајците до 31.12.2013, и второ за професионалните војници за чија перспектива и иден гарантиран ангажман по завршувањето на службата на 45 години најдовме решение за нивно вработување во други државни служби.
Имено, Владата на Република Македонија на денешната седница одлучи да предвиди законско решение со кое се решава долгогодишниот предизвик со кој се соочуваат професионалните војници. На овој начин се излегува директно во пресрет на нивните барања и на нивните потреби. Би сакал да потсетам дека со ова законско решение кое денес го донесовме продолжуваме со подобрување на состојбата на професионалните војници, процес што започна со исполнувањето на нивното барање пред година и половина кога ја продолживме годината на старост до која тие може да служат во армијата од претходните 38 години на сегашната граница од 45 години.
Сакам да информирам дека денес Владата донесе заклучок со кој го задолжи Министерството за одбрана во рок не подолг од 10 дена да и достави на Владата предлог законско решение со кое ќе се исполни барањето на професионалните војници по завршувањето на службата во Армијата како професионални војници на нивна 45 годишна возраст да бидат прераспоредени на работа во државна служба.
Рамката на законското решение треба да предвиди секој професионален војник по завршувањето на својата служба да биде прераспореден во една од овие државни служби:
-Министерство за одбрана, чуварска служба на објектите на МО;
-Министерството за внатрешни работи, во служба во МВР;
-Министерство за правда, затворска полиција, судска полиција и друга служба во МП;
-Министерство за земјоделство, шумска полиција или друга служба
-и други служби во рамките на органите на државна управа согласно нивните квалификации и способности, и согласно законското решение кое ќе го усвоиме на една од следните седници на Влада.
Кога професионалните војници ќе бидат прераспоредени во друга служба во други државни органи, тие ќе имаат решение за државна работа во друг државен орган, ќе бидат редовно вработени, ќе продолжат да земаат плата од тие државни институции согласно закон и колективен договор и други прописи до нивното пензионирање согласно закон, односно додека не ги стекнат условите за пензија.  
Иако ова не го имавме ветено во нашата предизборна програма, Владата го реализира ова барање на професионалните војници. Ние во моментот на изработка на програмата не бевме 100% сигурни дали сме во можност ова да го оствариме затоа и не го предвидовме. По направените анализи и пресметки, и по консултациите со претставниците на професионалните војници увидовме дека постои простор за решение и ние тоа решение го овозможуваме.
На овој начин Владата на Република Македонија придонесува за потребите на оваа значајна општествена структура и со решавањето на овој предизвик цениме дека ќе се придонесе и за поголема мотивираност, порелаксирани услови за работа и унапреден одговор на сите потреби, нешто што професионалните војници го практикуваат секогаш и на највисоко ниво.
Исто така, сакам да истакнам дека на оваа владина седница, Владата на Република Македонија донесе уште една одлука за решавање на уште еден општествен предизвик со кој се соочува една поголема група на граѓани.

Имено, Владата донесе заклучок со кој ги задолжи Министерството за економија, Министерството за труд и социјална политика и Агенцијата за вработување на Република Македонија во рок не подолг од 10 дена да и достават на Владата законско решение за целосно решавање на проблемот на работниците кои станале невработени како резултат на проблеми во фирмите кои биле во доминантна државна сопственост. Рамката на законското решение треба да предвидува измени во Законот за материјално обезбедување на невработените лица поради приватизацијата на претпријатијата со доминантна сопственост на државата во периодот од 2000 до 2004 година, кој што беше донесен претходно во 2008 со кој се реши проблем на голем број на луѓе, околу 3000 луѓе, и тоа преку подигнување на горната граница на годината за која ќе важи законот со што ќе се овозможи да бидат опфатени и работници кои останале невработени од државни фирми или пак фирми во доминантна државна сопственост и по 2004 година.

Кога го носевме законот во 2008 година, предвидовме горната граница да е 31.12.2004 година бидејќи податоците кажуваа дека таа година треба да е земена како пресек за решавање на ова прашање. Подоцна увидовме низ повторни истражувања и анализи дека постои дел од работници кои не се опфатени од овој закон, а кои во најголем број останале невработени во периодот од 2004 до 2006 година, или пак во моментот на носење на тој закон во 2008 не биле конечно завршени постапките заради кои останале невработени. Затоа и го решаваме и ова прашање и ги опфаќаме и нив, а ставаме горната граница наместо 31.12.2004 година да е 31.12 2013 година со цел да не се повтори некоја ваква ситуација на неопфатеност. Потенцирам дека ова решение нема да важи за невработените кои останале без работа во фирми кои не се во државна или доминантна државна сопственост бидејќи немаме право на тоа, туку само за оние кои останале невработени од државни или доминантно државни фирми.

Со овие измени кои ги предвидуваме се планира да се реши проблемот на околу нови 3000 лица.

За ова група на невработени ќе важат истите законски основни услови за добивање на материјално обезбедување во вид на паричен надоместок  и тоа:
-Фирмата од која доаѓа невработеното лице да е со доминантна државна сопственост од која е прогласен за технолошки вишок, стечај или ликвидација;
-да има најмалку 25 години работен стаж без стажот како корисник на паричен надоместок во АВРМ;
-меѓувреме ако бил вработен да не му прекинал работниот однос по негова вина или волја(спогодбено, отказ од работник или отказ од работодавец) и
-да е невработено лице кога го поднесува барањето, во рок од 30 дена од донесувањето на законот.

Овие лица ќе добијат паричен надоместок во висина од најмалку 7100 денари, односно 34% од просечната плата исплатена за минатата година плус здравствено осигурување. Нова пресметка ќе правиме во март зависно од висината на просечната плата за 2013 година.

На овој начин ќе ги решиме предизвиците со кои се соочуваат овие лица и нивните семејства. И ова не го имавме ветено во нашата предизборна програма. По новите податоци увидовме дека има потреба за решавање и го решивме.
Овие две мерки кои ги донесовме, за професионалните војници и за невработените од државните фирми, ќе решат еден голем предизвик со кој се соочуваа над 7000 граѓани на Република Македонија.