Груевски: Остануваме фокусирани на здравството

Силно сме фокусирани на здравството. По обезбедување најсовремена опрема и апарати во вредност од над 100 милиони евра и со реновирање и изградба на нови здравствени капацитети, исто така во вредност од над 100 милиони евра, интензивно работиме на подобрување на условите на вработените во здравството, преку инвестирање во нивниот капацитет, подобри и поправични примања, но и сериозни можности за континуирано стекнување на нови знаења на медицинските лица.

Ова денеска го истакна премиерот Никола Груевски во обраќањето пред синдикатите во Домот на АРМ.

Во оваа област, како што рече, се зголеми основната плата на работникот во делот на додатоците на платата кои се определуваат за посебните услови при работа, како што се работа во смени, ноќна работа, продолжена работа и работа на празници.

- Со донесувањето Анекс на Колективниот договор, се создадоа потребните предуслови за склучување договори за двоен работен однос за професорите од Медицинскиот факултет во Скопје, истакна премиерот Груевски.

Како посебно значајно во оваа реформа тој го истакна донесениот Анекс на Колективниот договор, во соработка со репрезентативниот синдикат. - Најважна придобивка е корекцијата на коефициентите на докторите специјалисти заради овозможување на постигнување на соодносот од 2:1, кој е минимален стандард секаде во светот во однос на медицинските сестри, а кој беше нарушен во претходниот период со претходна корекција на коефициентите на другиот персонал кој работи во здравствените установи, рече Груевски.

За таа цел, потсети дека минатата година почнале процес на корекција на коефициентите од 19,2 отсто за лекарите-специјалисти со одредена динамика.

- Станува збор за околу 7.600 денари зголемување на бруто или околу 5.200 денари нето основна плата, што значи дека и додатоците се пресметуваат на повисоката плата и до овој момент реализирани се 9,6 отсто или 50 отсто од предвидената корекција која ќе биде комплетна со мајската плата во 2014 година, рече Груевски.

Според него, реалното зголемување е многу поголемо поради додатоците. Како особено важна ја наведе корекцијата на соодносот на платите на медицинските сестри (со средно образование), во однос на докторите - 1:2. Со ова, како што рече, се опфатени 1.500 доктори-специјалисти (од општите и специјални болници), односно од секундарното здравство. Изразено во пари, тоа значи дека само за основна бруто плата се добиваат дополнителни 11.400.000 денари месечно, односно 136.800.000 денари годишно или приближно  2 милиони и 230 илјади евра годишно.

Груевски потсети дека заради подообрување на услугата кон пациентите, по пример на развиените земји се воведе нов концепт - платата на здравствените работници да се пресметува врз основа на работната успешност на секој здравствен работник на тој начин што просечната работна успешност за периодот од претходните три месеци претставува основ за утврдување на висината на платата за тековниот месец. Се воведува електронски систем за евиденција за работната успешност.