Промовирани 10 книги од проектот за превод на стручна литература
Книжевниот фонд на Државниот универзитет во Тетово од денеска е збогатен со уште десет наслови, кои се дел од проектот на Владата и на Министерството за образование и наука за „Превод на 1.000 стручни, научни книги и учебници од кои се учи на врвните, најдобрите и најреномирани универзитети во САД и Англија, а од областа на правото во Франција и Германија“.
Книгите, кои се од областа на економијата, правото, природно-математичките и биотехничките науки ги промовираа премиерот Никола Груевски, министерот за образование и наука и заменикот Спиро Ристовски и Сафет Незири.
Премиерот Груевски истакна дека основната цел на проектот е во Македонија да се донесе литература и книги кои се користат на најпрестижните универзитети во светот и на тој начин студентите да имаат пристап и можност покрај домашната литература да користат и учебници кои се пишувани од врвни научници и професори кои ја обликуваат актуелната светска наука.
- Она што е значајно е што најголем дел од книгите се преведуваат и на македонски и на албански јазик со цел да можат што полесно да се користат од страна на нашите граѓани. Досега има преведено и испечатено над 400 книги на албански јазик. Тоа јасно укажува на нашата намера да инвестираме во интелектуалните капацитети на луѓето без разлика на нивната национална и етничка припадност, рече македонскиот премиер.
Целта е, рече, преку овие книги да се внесат нови знаења кај граѓаните, кои ќе бидат компатибилни со врвната светска наука ќе им даде дополнителна интелектуална вредност. Таквата вредност, додаде, ќе им помогне во многу сегменти од нивниот живот, бидејќи како што рече колку е човек пообразуван толку е побогат и покорисен за себе, за своето семејство, за својата околина и секако за својата држава.
- Оттука за нас е многу важно да имаме силно образована и висококвалификувана работна сила. Дали е Албанец, Македонец, Србин, Турчин, Ром или друг припадник на заедниците не е важно. Она што е важно е да имаме силни индивидуи кои ќе бидат успешни во својата област која и да е, каква и да е, граѓани кои ќе придонесуваат во општеството, кои ќе бидат промотори на развојот и напредокот во сите области од значање за подобра живот во Република Македонија, истакна македонскиот премиер.
Овие книги од врвни светски автори, потенцира министерот Ристовски, се преведени на албански јазик, со што во многу им се олеснува процесот на едукација на студентите на кои наставен јазик им е албанскиот.
- Идејата на целиот овој проект е да понуди нови видици и нови знаења на колку што е можно поголема популација, на колку што е можно повеќе студенти, рече министерот Ристовски.
Ректорот на Државниот универзитет во Тетово Вулнет Амети истакна дека досега заедно со Владата и со МОН промовирале над 100 наслови од научните книги од разни области, кои веќе се користат од студентите и професорите.
Меѓу денеска промовираните книги се и книгата „Светска трговија и плаќања“ од професорите Ричард Е.Кејвс и Џефри А.Франкел од Универзитетот „Харвард“ и Роналд Тус Џоунс од Универзитетот во Рочестер и книгата „Облигационо право, Книга 1 - Договорот и едностраната обврска“ од авторот Муриел Фабр - Мањан кој е професор по право на Универзитетот „Сорбона“ во Франција.
Во рамките на овој проект преведени се книги од сите научни области, економија, право, земјоделие, медицина, технички науки, меѓународни односи, политички науки, градежништво, архитектура, животна средина, социјална политика...