Министерот Попоски на Минхенската конференција за безбедност
Министерот за надворешни работи на Република Македонија, Никола Попоски учествува на 50. Минхенска безбедносна конферениција на која се присутни над 300 лидери и експерти од светот на политиката и безбедноста, а на која се дебатира за глобалните безбедносни предизвици и актуелни теми, посветени на зачувувањето на мирот и безбедноста на глобално ниво.
Во рамките на конференцијата, министерот Попоски оствари средба со својот колега од Државата Катар, Калид Бин Мохамед Ал-Атијах, на која се разговараше за интензивирање на билатералните односи меѓу двете земји, со акцент на економската соработка.
Министерот Попоски учествуваше и на работниот ручек во организација на претседавачот на Конференцијата, амбасадорот Волфганг Ишингер, поранешниот сенатор на САД, Сем Нан, поранешниот секретар за одбрана на Обединетото Кралство, Дес Браун и поранешниот руски министер за надворешни работи, Игор Иванов, на кој беше презентиран предлог Извештајот за градење заедничка безбедност во Евроатланскиот регион.
На маргините на Форумот, министерот Попоски оствари неформални средби со колеги, министри и истакнати дипломати од земји членки на ЕУ и од регионот.
Министерот Попоски присуствуваше и на работната вечера што, за шефовите на делегациите, ја приредува премиерот на Баварија, Хорст Зеехофер.