Премиерот Груевски на поставување камен-темелник во ТИРЗ во Ранковце
На површина од 40 хектари денеска во Ранковце започнаа градежните активности за изградба на технолошко-индустриската развојна зона во оваа општина.
Во оваа зона предвидена е изградба на 18 градежни парцели организирани во два блока, а за изградбата на внатрешната патна, водоводна, канализациска и телекомуникациска инфраструктура Владата ќе инвестира околу 12 милиони евра.
Технолошко-индустриската развојна зона се наоѓа на атрактивна локација на Коридорот 8 меѓу градовите Куманово и Крива Паланка, оддалечена околу 40 километри од граничниот премин Дев Бари кон соседна Бугарија и на околу 50 километри од граничниот премин Табановце кон Србија.
На поставувањето камен-темелник присуствуваа премиерот Никола Груевски, вицепремиерот задолжен за економски прашања Владимир Пешевски и директорот на Дирекцијата на ТИРЗ, Виктор Мизо.
- Локацијата на зоната е неслучајно избрана. Во близина се повеќе градови од североисточниот дел на земјата со многу жители кои можат да одговорат на потребите и барањата на инвеститорите за работна сила од најразличен карактер. Во близина се границите со Србија и Бугарија, а на околу 70 километри од аеродромот „Александар Велики“, во близина на зоната поминува Коридорот 8, тука е магистралниот пат, но и железничката линија кон Бугарија. Сето тоа им нуди можност на потенцијалните инвеститори да бидат одлично поврзани и да можат да извезуваат со брз и ефикасен транспорт кон нивната посакувана дестинација, истакна премиерот Груевски.
Според него, придобивките од изградбата на оваа ТИРЗ се повеќекратни затоа што изградбата на зоната ќе значи предуслов за нови инвестиции и отворање на нови работни места.
Премиерот најави дека и во иднина Владата ќе продолжи со инвестирање во зоните во патната и железничката инфраструктура и со презентациите на Македонија како поволна бизнис-дестинација бидејќи таквиот пристап дава резултати.
- Повеќе значајни светски фирми веќе работат во Македонија. Дел од нив покрај својата првична инвестиција се решија и за втора инвестиција. Од друга страна, интересот за нови инвестиции е исто така голем, нагласи премиерот Груевски.
Според вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски, нема подобар начин да се покаже грижа за сопствениот народ од тоа да се отвораат нови работни места.
- Во услови на економска криза, еден од начините за нејзиното ублажување е создавање на услови за инвеститорите за тие да отвораат нови фабрики и нови погони каде луѓето ќе најдат место каде да заработуваат и да ја обезбедат иднината на своите деца, нагласи Пешевски.
Досега во функција се двете зони во Скопје и Штип, а во тек се градежните активности во зоните во Кичево, Гевгелија, Прилеп, Струмица и Битола. Во фаза на подготовка се документите за отпочнување со градба и на зоните во Радовиш, Струга, Делчево, Виница и Берово.