Онлајн состојбата на патарините и граничните премини
Информации за состојбата на патиштата низ државата, со пренос во живо на сообраќајот на сите патарини и на најфреквентните гранични премини, преглед на тековните и реализираните активности за изградба на патишта, увид во трошоците за таа намена...
Тоа од денеска е достапно преку новиот портал на Јавното претпријатие за државни патишта, www.roads.org.mk, што го промовираа директорот на претпријатието Љупчо Георгиевски и министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески.
- Може во живо да се следи определена патна делница и да се види каков е протокот на возила. Ова е важно кога луѓето планираат да патуваат бидејќи можат преку посета на веб страницата да го видат протокот на возилата. Покрај тоа што за состојбата информира Авто-мото сојузот и ова е добра алатка што се користи во повеќе членки на ЕУ, рече на презентацијата Јанакиески.
На страницата на македонски, англиски и албански јазик, се нуди преглед на патиштата со соодветни знаци зависно од состојбата, како што се евентуални застои и прекини на сообраќајот поради градежни активности или други причини.
Директорот Георгиевски појасни дека веб страницата овозможува преглед преку видео камери поставени на сите патарини и на граничните премини. - Он-лајн се гледа функционирањето на патарините, колку се отворени, а колку не, температурата... Кога ќе планираат граѓаните патување може да гледаат дали има повеќе возила, наведе Георгиевски.
Со новата интернет страница, како што рече, транспортерите веќе нема да доаѓаат во Јавното претпријатие да подигнуваат барања. - Вака ќе можат да ги добијат одобрувањата преку веб страницата, да ги отпечатат и да ги препратат повторно на меил, така што ќе имаат само едно доаѓање во претпријатието односно само при подигање одредени одобренија, наведе Георгиевски.
На веб страницата е поставена и петгодишната програма на Владата со планови за изградба на патиштата и за јавни набавки, податоци за текот на изградба на патиштата, ревизорски извештаи, карта на патишта.
Одговарајќи на новинарски прашања Јанакиески истакна дека откако Јавното претпријатие за државни патишта менаџира со патарините, драстично се зголемени приходите по тој основ. Во 2013, споредено со 2012 година, приходот е зголемен за 20 проценти. Во 2012 се собрани милијарда и 150 илјади денари, а во 2013 износот е милијарда и 380 илјади денари.
Според Јанакиески, до мај се очекува да биде потпишан договор со компанијата што ќе ги модернизира патарините долж Коридорот 10. По напуштањето на концептот за избор на приватен партнер за модернизација на патарините беше подготвена документација за воведување систем со целосно исклучување на човечкиот фактор.
- Првата фаза од евалуацијата е завршена, од ЕБРД има ветување дека оваа недела треба да ја одобрат или да дадат забелешки на целокупната постапка. Потоа почнува втора фаза што ќе трае два месеци и очекуваме во април или мај да имаме склучено договор со компанија која ќе направи целосна модернизација на патарините на Коридорот 10. Предмет на концесија се и патарините на Коридорот 8, односно концесионерот ќе треба да инвестира во модернизација по истиот терк како на Коридорот 10, рече Јанакиески.