Груевски: Да се почекаат анализите и наодите на МВР за настанот во Гостивар
Премиерот Никола Груевски денеска апелираше да се сочекаат резултатите од сите медицински анализи и наодите на Министреството за вантрешни работи во врска со вчерашниот настан во економското училиште во Гостивар и средношколците и професорите кои со симптоми на труење беа префрлени на Клиниката за токсикологија.
- Добро е што сите се заминати од болницата и се во одлична здравствена состојба без одредени последици, но она што би апелирал е да се сочекаат резултатите од сите медицински анализи и, се разбира, наодите на МВР. Тие кога ќе бидат 100 отсто подготвени ќе ги објават. Тие веќе имаат свои согледувања. Првичните резултати даваат согледувања, меѓутоа практиката во оваа сфера, како во медицинската така во полициско-детективската е додека 100 отсто не се истражи да не се излегува со изјава, така што би апелирал да се почека. Можеби за некој ден сето тоа ќе биде завршено и објавено, изјави Груевски.
Премиерот заедно со министерката за внатрешни работи Гордана Јанкуловска синоќа ги посети средношколците и професорите од гостиварското средно училиште.
- Лекарскиот тим синоќа беше целосно ангажиран и исто така екипите на МВР беа на лице место во сите болници каде што беа сместени децата. Кога слушнав за овој настан отидов да видам за што се работи, едно заради здравјето на самите деца, да видам што се случува, дали е некој во животна опасност, дали треба нешто да се алармира, дали треба да се покрене некој поголем степен на безбедност, дали треба да се повикаат лекари од дома... Особено во услови кога министерот за здравство во моментов е на службен пат. Затоа бев лично таму и второ, за да видам да не се работи за нешто друго што е надвор од регуларните здравствени текови, рече премиерот Груевски.
Тој и министерот за образование Спиро Ристовски денеска беа на Факултетот за електротехника и информациски технологии, каде во употреба беше пуштена лабораторија за оптички комуникации.