Работилница за нелегалната трговија со оружје на полициите на земјите од Западен Балкан и ЕУ
Експертска група составена од претставници на полициите на земјите од Западен Балкан и ЕУ на еднодневна работилница ќе дискутираат за справување со нелегалната трговија со оружје, а Владата односно МВР на Република Македонија се промотори на оваа иницијатива.
Очекувањата на министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, која денеска се обрати пред експертската група, се оваа иницијатива да ги подигне на повисоко рамниште превенцијата, ефикасноста, оперативноста и соработка во борбата против шверцот со оружје.
- Оваа иницијатива на македонското МВР е изворна, од регионот којшто во изминативе децении важи за подрачје кое не само што е крстопат на меѓународните канали за криумчарење оружје, туку неретко е и регион на потекло и крајна дестинација на нелегално оружје, рече Јанкулоска. Таа изрази убеденост дека проблематиката со недозволената трговија со оружје, со сиот опасен потенцијал што го содржи и што може да се манифестира како конкретна закана за она што значи општа безбеднсот како во национални, така и во глобални рамки, истакна, без сомнение заслужува постојан, приоритетен, институционален и меѓудржавен анагжман.
Недозволената трговија со оружје многу често, потенцира директорот на Бирото за јавна безбедност при МВР, Митко Чавков, е поврзана и со други видови криминални активности, како што се вооружени грабежи, организирани криминални банди кои вршат разни кривични дела со елементи на насилство, терористички акти, убиства и слично.
- Сведоци сме дека во секојдневното работење многу ретко се воспоставува или отпочнува истрага во однос на оружјето, рече Чавков. Тој информира дека во периодот од започнувањето на воените конфликти на подрачјето на Балканот, земјите од ЕУ бележат раст на количините на нелегалното оружје присутно на црниот пазар.
Чавков смета дека е потребно да се зајакне и поддржи стратешкото партнерство помеѓу земјите од Западен Балкан во однос на недозволената трговија со оружје и опасни материи, со земјите од ЕУ, но исто така, подвлече, и соработката помеѓу релевантните полициски служби во однос на размена на информации и експертизи кои се однесуваат на производство, транспорт и продажба и заплени на нелегално оружје од почетокот до крајната дестинација.
Според јавниот обвинител на Република Македонија Марко Зврлевски, за криминалците не постојат граници, ниту визи и не постојат правила. Добро е, смета тој, државите со адекватен одговор организирани на ваков начин застанат на патот на нелегалната трговија со оружје.
- Добро е согледана и улогата на јавниот обвинител, кој секако треба да биде краен егзекутор на тоа што овие експертски групи ќе го направат. Ние треба тоа што вие ќе го сработите, да го извадиме пред суд, изјави Зврлевски.
Иницијативата ја поздрави и Оле Дрост од данската полиција, кој потенцира дека интензивирањето на соработката може да се постигне и со дискусии и раземна на искуства во однос на нелегалната трговија со оружје. Нагласувајќи ја поддршката од неговата земја, Дрост оцени дека работилницата на експертска група претставува многу важен и круцијален чекор напред во борбата против нелегалната трговија со оружје.
Според статистичите показатели, лани се откриени 206 кривични дела од областа на недозволената трговија со оружје, што говори, потенцира Јанкулоска, за тренд на зголемување на откривачката функција за над 15 проценти во однос на 2012 година. Поднесени се пријави против 237 сторители, од кои се запленети и одземени 185 парчиња оружје и речиси 11 илјади парчиња муниција, 19 пакувања експлозив, над 235 илјади пиротехнички средства и друго. Според видот пак на оружјето, меѓу другото, во над 50 проценти запленети парчиња доминираат пиштолите за звучна и светлосна сигнализација.