Владина делегација предводена од премиерот Груевски во посета на Сингапур и Јапонија
Делегација на Владата на Република Македонија, предводена од претседателот на Владата, г-дин Никола Груевски, во чиј состав се заменик на претседателот на Владата и министер за финансии, г-дин Зоран Ставрески, министерот за привлекување странски инвестиции, г-дин Бил Павлески, директорот на Агенцијата за странски инвестиции и поттикнување на извозот, г-дин Висар Фида и директорот на Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони, г-дин Виктор Мизо, од 29 ноември до 2 декември 2011 година, ќе престојува во посета на Сингапур и Јапонија.
Во рамки на посетата на Сингапур, во вторник, предвидено е премиерот Груевски да оствари средба со премиерот на Република Сингапур, г-дин Ли Хсиен Лунг, на која се очекува да се разговара за продлабочување на билатералната соработка, особено во доменот на економијата и трговијата.
Истиот ден, во соработка со Сингапурската бизнис федерација, ќе се одржи бизнис форум на кој се очекува присуство на повеќе од 50 сингапурски компании од различни области, пред кои премиерот Груевски и владиниот тим ќе ги презентираат инвестициските можности и поволности што ги нуди Република Македонија.
Следните три дена владината делегација ќе престојува во Јапонија, при што ќе се посетат Токио и Осака.
Во Токио, во среда претпладне, владината делегација ќе учествува на бизнис форумот организиран од Јапонската надворешна трговска организација (JETRO), на кој покрај официјалните презентации од страна на владиниот тим, премиерот Груевски ќе оствари одвоени средби со неколку јапонски компании со цел да се разменат информации околу нивните интереси и можностите кои ги нуди Република Македонија како атрактивна бизнис дестинација.
Истиот ден, попладнето, во Палатата на Крунскиот принц, премиерот Груевски ќе оствари средба со Неговото Царско Височество крунскиот принц Нарухито, што претставува прва средба на македонски премиер со висок претставник на Јапонското царско семејство.
Потоа, во Владата на Јапонија, премиерот Груевски ќе оствари средба со премиерот на Јапонија, г-дин Јошихико Нода, што претставува прва посета на македонски премиер на јапонската влада и средба со јапонски премиер, од воспоставувањето на дипломатските односи помеѓу двете земји на 1 март 1994 година. На средбата се очекува да се разговара за продлабочување на билатералните и мултилатералните односи и аспекти на соработка на повеќе полиња помеѓу двете пријателски земји, при што значаен дел од разговорите се очекува да биде посветен на зајакнување на економската соработка.
Министерот за финансии Ставрески е предвидено да оствари работна средба со заменик министерот за економија, трговија и индустрија на Јапонија, г-дин Сеишу Макино.
Во четврток претпладне, во седиштето на Јапонската меѓународна агенција за соработка (JICA), претседателот на Владата, г-дин Никола Груевски ќе оствари средба со претседателот на Јапонската меѓународна агенција за соработка, г-ѓа Садако Огата, на која се очекува да стане збор за досегашната соработка, како и за можностите за идни заеднички проекти.
По оваа средба владината делегација заминува за Осака каде што на последниот ден од посетата, во соработка со Јапонската надворешна трговска организација, во Стопанската комора на Осака ќе се организира уште еден бизнис форум на кој заинтересираните јапонски компании од овој дел од земјата ќе имаат можност од прва рака да дознаат повеќе за поволностите кои што ги нуди Република Македонија во рамките на деловната клима и можностите за инвестирање.