Јанкулоска ги посети кандидатите за полициски пилоти

Во касарната „Ѓорче Петров“ во Скопје, 462 кандидати, меѓу кои 59 девојки, кои ја поминаа административната селекција на конкурсот за прием на пилоти при хеликоптерската единица на МВР денеска почнаа со физичките проверки.

Министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, која ги посети кандидатите, нагласи дека по физичката подготвеност, ќе следува  проверка за познавање англиски јазик и на општо образовни теми, психо тестови, тестови за специфични карактерни особини што се бараат за пилот за полициски хеликотпер, како и здравствената проверка од највисок тип. Сите овие фази, истакна, се елиминаторни, што значи дека кандидатите кои нема да поминат една фаза, не можат да одат понатаму.

- Проверките кои ги правиме за пилоти на полициски хеликотпери, се сосема различни од оние за полициски службеници од причина што и нашите барања се различни и позициите за кои регрутираме луѓе се сосема различни, така што со оглед на силната конкуренција верувам дека до крајот на селекцијата ќе ги добиеме најдобрите 12 кандидати, кои понатаму во следните 19 месеци во Центарот за обука на пилоти ќе поминат дополнителна обука, изјави Јанкулоска.

Министерството за внатрешни работи првпат објави конкурс за прием на 12 пилоти во елитната хеликоптерска единица. Најдобрите кандидати ќе бидат обучени за пилотирање со 7-те хеликотери со кои располага МВР.

Обуката, која ќе трае 19 месеци, а избраните ќе стекнат не само основни, туку и специфични знаења за пилотирање на хеликоптерите во посебни услови.

Предвидено е да се вработат шест извршители со средно и шест со високо образование.

Оние 12 кандидати кои ќе покажат најдобри резултати ќе склучат договор за вработување во МВР и договор за обука и во следните 19 месеци ќе бидат сместени во касарната „Страшо Пинџур“ во Петровец. МВР ќе им обезбеди превоз, исхрана и друга пилотска опрема потребна за обуката со цел да добијат сертификат за оспособеност за звањето „пилот на хеликоптер“.