Голем интерес кај компаниите за мерката за вработување млади
За само четири дена од почетокот на примената на мерката за стимулирање на вработување млади лица до 29 години со ослободување на работодавачите од плаќање социјални придонеси за 12 месеци 68 компании поднеле барања за користење на поволностите.
- За само четири дена вкупно 68 компании поднеле барање за искористување на оваа поволност. Ова е системска мерка која важи за сите приватни компании. Очекувам континуирано да се зголемува бројот на приватни компании кои ќе вработуваат млади лица и ќе ја користат оваа поволност. Мерката опфаќа 45 илјади млади лица, од кои 20 илјади се активни баратели. Мерката е исклучително поволна бидејќи компаниите се ослободуваат од плаќање социјални придонеси за период од 12 месеци и компаниите треба да ја искористат, рече министерот за труд и социјална политика Диме Спасов, кој денеска пред компаниите членови на Стопанската комора на Македонија ја презентираше оваа мерка.
Смета дека законските одредби се добро осмислени и овозможуваат голема заштита од злоупотреба на мерката.
- Законските одредби предвидуваат од 31 декември до моментот на поднесување на барањето компаниите да немаат отпуштено лице врз основ на технолошки вишок, за да не се случи да отпуштаат веќе вработени лица за да ја користат мерката. Дополнително во периодот кога ќе ја користат мерката не смеат да го намалат бројот на вработените, а ако го отпуштат младото лице треба да вработат ново од истата категорија. Мислам дека заштитните механизми се добри, го опфаќаат и претходниот период, но и во време на користењето на мерката на поволности, рече Спасов.
Јелисавета Георгиевска, извршен директор на Стопанската комора на Македонија, посочи дека интересот за користење на мерката од страна на приватниот сектор е голем.
- Ставот на комората е позитивен односно ги поддржува и поздравува ваквите иницијативи на Владата и МТСП. Оваа мерка е во контекст и на нашите ставови и очекувања за зголемување на вработувањата од една страна и намалување на невработеноста, особено задржувањето на младите лица односно намалување на одлив на младиот кадар, рече таа.
Министерот Диме Спасов најави дека Владата ќе продолжи со партнерскиоот однос со приватниот сектор и, како што рече, во соработка со нив ќе креира и предлага мерки со кои се олеснува и поттикнува вработувањето во Македонија.
Додаде дека како резултат на досегашните мерки, кои исто така се преземани во согласност со сите засегнати страни, во изминатиот период се намалува невработеноста во Македонија.
И последните податоци што ги објави Државниот завод за статистика, рече министерот Спасов, покажуваат дека повторно има пад на невработеноста. - Верувам дека со сите овие мерки, како и со последната за вработување млади до 29 години и натаму значително ќе продолжи да се намалува невработеноста во Македонија, рече Спасов.
Додаде дека економскиот развој и креирањето на работни места бара мултисекторски пристап за што Владата на Република Македонија во изминатиот период спровела голем број на реформи за подобрување на бизнис-климата и конкурентноста, зголемување на инвестициите, намалување на трошоците на фирмите преку намалување на даноците и придонесите, зголемување на ефикасноста на регулативата за работни односи, подобрување на образовниот систем и човековите ресурси согласно со потребите на пазарот на трудот, надополнети со активните политики за вработување, ефикасни служби на пазарот на трудот и обезбедување на поголема флексигурност на работни места се создадоа подобри услови за отворање на нови работни места на македонскиот пазар на труд.
- Тие беа донесени на интегрален и координиран начин со социјалните партнери со што се влијаеше на стимулирањето на побарувачката на работна сила и јакнење на инклузивниот развој и социјалната положба, истакна министерот за труд и социјална политика.
Спасов нагласи дека во Република Македонија се подобрени условите за формализација на работни места преку ниските даноци и даночни олеснувања за малите претпријатија, земјоделците и лицата кои првпат креираат претпријатие, како и преку дополнителни стимулативни активни мерки за креирање работни места и формализирање на претпријатијата.
Додаде дека во периодот од 2007 до 2013 година преку различни активни програми и мерки за вработување опфатени се 54.958 невработени лица и се постигнати 30.524 вработувања.
Преку Министерството за труд и социјална политика заедно со Агенцијата за вработување на Република Македонија, додаде Спасов, се реализираат различни активни програми и мерки за вработување како што се: програма за самовработување, финансиска поддршка на правни субјекти, субвенционирање на вработувањето, субвенционирано вработување на деца без родители, субвенционирано вработување на инвалидни лица, практикантство, различни видови обуки...