Немаме исплатено ниту денар кон СМР Аутомотивс системс Македонија

Сакаме енергично и во целост да ги демантираме невистините изнесени на денешната прес-конференција на СДСМ одржана од страна на г-ѓа Лидија Димова, во кои се наведува дека наводно на компанијата СМР Аутомотивс системс Македонија и биле исплатени средства од Владата на Република Македонија во вредност од 2.815.000 евра.

Таквите наводи се апсолутно неточни и невистинити, тоа е обична лага на СДСМ која претставува груба дезинформација на јавноста. Владата на Република Македонија нема исплатено ниту денар на компанијата СМР Аутомотивс системс Македонија. Тоа во суштина, а очигледно СДСМ не го знае затоа што не ја познава материјата или намерно го премолчува, и не е можно бидејќи државна помош се дава пост фестум, односно по доставата на целокупната документација од страна на компаниите за определени издатоци и трошоци кои тие ги направиле во врска со некоја инвестиција а за кои им следува државна помош согласно договор и согласно закон, и по оценката на таа доставена документација од страна на институциите. 

Потенцирајќи уште еднаш дека државата нема исплатено ниту денар средства кон оваа компанија, во врска со овој предмет сакаме да посочиме дека Дирекцијата за Технолошко индустриски развојни зони, во согласност со законот писмено се има обратено до компанијата и има побарано да биде известена за плановите за реализацијата на проектот и реализација на договорните обврски од страна на компанијата и во моментов е во очекување на официјален одговор. По добивањето на одговорот од страна на компанијата на предлог на Дирекцијата за Технолошко индустриски развојни зони Владата ќе го разгледува и оценува исполнувањето на договорните обврски од страна на компанијата, ќе дејствува согласно интересите на земјата и за своите одлуки ќе ја информира јавноста.