Над 22 илјади пензионери на бесплатна бања наредните четири години
Министерот за труд и социјална политика Диме Спасов ги посети пензионерите во „Дебарски Бањи-Цапа“ кои ја користат бесплатната услуга за бањско-климатска рекреација што им ја овозможува државата.
Откако се сретна со пензионерите и ги разгледа капацитетите во бањскиот локалитет Бањиште, министерот изјави дека пензионерите се презадоволни од проектот на Владата, од услугата што тука ја добиваат, од сметувањето и хигиената. Тој при тоа најави дека проектот продолжува и во наредните години.
- Изминатите години од кога почнавме со реализација на проектот за бесплатна бањско-климатска рекреација на пензионерите опфатени се над 22 илјади пензионери. Ме радува фактот што денес има толку многу среќни луѓе, кои се задоволни од услугите кои ги нудат бањите, но пред се од реализиацијата на овој проект. Поради големиот интрес планираме овој проект да продолжи да се реализира, не само оваа туку и наредните години, изјави Спасов, додавајќи дека во наредните четири години се планира опфат на нови над 22 илјади пензионери.
Тој најави дека Владата размислува да реализира вакви и слични проекти со кои на некој начин се продолжува континуирано да се подобрува животот на старите лица во Република Македонија.
Големо задоволство од соработка со Владата во реализацијата на проектот, кој значи дополнителна поддршка за бањите во Република Македонија искажа Меџит Цапа, сопственик на бањите.
За него посебна чест е посетата на министерот Спасов за да одблиску се запознае со условите и услугите кои ги добиваат пензионерите, во овие надалеку познати и признати по својата лековитост тероминерални води.
- Пензионерите се воодушевени од условите, од услугите, од односот на вработените, зашто за нашите вработени важи изреката „секогаш гостинот е во право“ и дека ние постоиме за него а не тој за нас. Во првата група се стотина пензионери а целосно треба овдека да престојуваат 1.300 пензионери, рече Цапа.
Со пензионерите со кои разгваравме не ги штедеа зборовите на пофалба.
- Презадоволни сме од можноста и ние пензионерите со пониски примања да дојдеме на бањи. Првап сум тука. Од она што тука се нуди навистина сум презадоволен, вели Љупчо Аџимовски од Битола.
Пензионерите кои се опфатени во првата група ги има речиси од сите делови на државата, од Ресен, Битола, Скопје, Куманово, Тетово...