Амбасадорот Ивон на проштална средба кај министерот Попоски
Министерот за надворешни работи Никола Попоски денеска го прими на проштална средба амбасадорот на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска во Република Македонија, Кристофер Ивон.
На средбата Попоски искажал високо уважување за соработката со Амбасадата на Обединетото Кралство и придонесот на амбасадорот Ивон во продлабочувањето на македонско-британските односи за време на неговиот дипломатски мандат во Македонија. Притоа, изразил подготвеност отворениот и конструктивен дијалог да продолжи да се негува и по доаѓањето на новиот амбасадор на Обединетото Кралство во Македонија.
Попоски и Ивон се согласиле дека политичките односи меѓу двете земји бележат постојан нагорен тренд. Констатирале дека активниот политички дијалог дава многу добра основа за уште подинамичен развој на билатералните односи во иднина и поблиска соработка во сите области од заемен интерес.
Зголемувањето на обемот на инвестициите и зајакнувањето на севкупната економска и трговска соработка и натаму ќе бидат во фокусот на заемните заложби и ангажман за натамошно унапредување на македонско британското партнерство, а остварувањето на европската и евро-атлантската интеграција останува врвна цел на Македонија.
Британската политичка поддршка и конкретна помош со мноштво проекти, програми и иницијативи за спроведување на европското право и стандарди во македонското општество придонесуваат за континуираното високо ниво на подготвеност на институциите и администрацијата за процесот на пристапни преговори со ЕУ и целосната исполнетост на критериумите за членство во НАТО.