Ставрески: Четири милиони евра капитални инвестиции за развој на Охрид
Десетина капитални проекти ќе почнат летово да се реализираат во општина Охрид. Вкупната инвестиција е над 4 милиони евра.
Ова го најави вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески при денешната посета на Охрид, додавајќи дека во натамошниот период ќе продолжи соработката со Општината преку реализација на директни проекти од прорамата на централната власт за наредните четири години.
- Десетина проекти ќе бидат реализирани од Владата, преку позајмицата што ќе ја дадеме. Долгорочно, со оглед на тоа што парите нема да мора да се враќаат во првите неколку години, тоа ќе овозможи Општината да застане на здрави нозе, за да може да учествува во отплатата на обврските. Оценивме дека е остварен доволен напредок во управувањето со јавните финансии во Општината, за и ние да влеземе со дополнителни средства од над четири милиони евра, истакна Ставрески.
Проектите веќе се разгледани од стручен тим на Министерството за финансии и испратени се во Светска банка на разгледување. - Се работи за капитални проекти чија реализација на дел од нив ќе почне уште летово. Станува збор за проекти што се од најсуштествена потреба на населението, како водоводи, канализација, улици, патишта, реновирање училишта и сите проекти што ќе бидат финансирани од Владата ќе бидат за тие потреби, додаде Ставрески.
Во врска со големите задолжувања на општина Охрид, Ставрески истакна дека затекнатата финансиска состојба била исклучетелно сериозна и тешка, но најави поддршка од Владата
- Централната власт инсистира да види дека локалната самоуправа ги презема мерките и активностите за да си помогне сама себеси. Кога гледаме дека тоа се прави, логично е дека ние ќе помогнеме и со финансиски средства и на друг начин се што може законски да се направи, рече Ставрески.
Тој додаде дека според негова проценка, а врз основа на мерките преземени од градоначалникот и неговиот тим, направена е санација на буџетот на општината, односно преземени се активности, и во насока на реструктуирање на долгот, потпишување договори за репорограмирање на обврските, со што е задоволен еден од клучните услови за да може општината да биде корисник на средства од централната Влада и кредитни средства од Светската банка.
Тој изрази задоволство од преземените активности во општинската власт за заштеда на трошоци во расходната страна, намалување на расходите на јавните набавки, се на се како што рече, подомаќинското работење на новата локална власт.