Лабораторијата за текстилни материјали се користи за истражувања и во комерцијални цели
Лабораторијата за испитување на текстилни материјали, која пред една година е инсталирана на Технолошко-металуршкиот факултет во Скопје, е во тек на акредитирање, а од нејзиното отворање е постојано користена од академската заедница за научни истражувања, но и за потребите на компании кои произведуваат или увезуваат такви материјали.
Набавувачите ги користат услугите на лабораторијата за да го проверат составот на материјалот, дали тој одговара на потребите за кои е наменет и ги задоволува својствата и дали е соодветен на цената што им е понудена. За одреден надомест може да ја користи и секој граѓанин кој сака да провери текстилен производ ако се сомнева во неговиот квалитет или присуство на штетни супстанции. Лабораторијата се употребува и во научни цели за развој на нови производи.
Денеска ја посети министерот за образование и наука Спиро Ристовски, кој е задоволен од современите методи што ги има лабораторијата за контрола на квалитетот на текстилот од суровина до финален производ посебно, рече тој, затоа што во Македонија оваа индустрија е во постојан пораст, како и инвестирањето - и во производство и во увоз на текстил.
- Лабораторијата е од исклучително значење. Тука може да се контролира квалитетот на увезената суровина, односно проверка и утврдување на точноста на податоците кои се декларирани, а исто така со помош на оваа лабораторија текстилната индустрија во Македонија добива декларирање на сопствениот квалитет при потреба од нејзин извоз. Таа се повеќе почнува да се користи во комерцијални цели и очекувам до почетокот на септември да заврши комплетната постапка за акредитација, за која факултетот веќе има обезбедено надворешен консултант, рече Ристовски.
Деканот на факултетот Александар Димитров соопшти дека лабораторијата е единствена за овој тип испитувања и карактеризација.
- Очекуваме побарувачката да биде уште поголема по добивање на акредитацијата, рече Димитров, задоволен од искористеноста на лабораторијата во која Владата на Република Македонија за набавка вложи околу 450.000 евра.
Првото испитување во лабораторијата бил текстилот за новиот театар и таа помогнала да се избере сценска завеса со перформанси што одговараат на таква установа - завесата да не биде претешка за механизмот и да биде отпорна на горење.
Под покровителство на МОН, на Технолошко-металуршкиот факултет изминатиот викенд се одржа вториот натпревар за средношколци „Наноматеријали - материјали за иднината“. Учествуваа 280 проекти на ученици и беа доделени три парични награди. Најдобриот проект беше на средношколци од гимназијата „Орце Николов“, второ место ученици од средното хемиско „Димитрија Чуповски“ од Велес и трето - проектот на ученици од гимназијата „Раде Јовчевски-Корчагин“. Целта на натпреварот е учениците да се мотивираат за техничките науки.