Институциите се поврзуваат во државна оптичка мрежа
Дваесет и четири институции се поврзуваат во државна оптичка мрежа, која што треба да овозможи големи заштеди, поголема брзина во преносот на податоците и поголема ефикасност во работењето.
Можностите на систем салата со оптичката мрежа лоцирана во Државниот завод за статистика, ги презентира денеска министерот за информатичко општество и администрација Иво Ивановски. За имплементација на мрежата се одвоени 8 милиони денари, а проектот го изведе Македонски телеком, во соработка со Министерството за внатрешни работи.
Според Ивановски, мрежата ќе овозможи големи заштеди бидејќи за сегашниот пренос на податоци помеѓу државните органи преку интернет мрежата со воспоставување виртуелни тунели се изнајмуваат скапи интернет линкови и се набавува скапа хардверска опрема.
- Реализацијата на државната оптичка мрежа комуникациска мрежа во иднина ќе овозможи да се постигнат поголеми брзини на пренос на податоци, поголема безбедност на пренесените податоци и поголем број електронски услуги кон граѓаните, што пак би повлекло намалување на финансиските трошоци за изнајмување скапи интернет линкови, рече Ивановски.
Владината ИТ мрежа, појасни, ќе овозможи експанзија на повеќе витални проекти со кои се зголемува ажурноста, квалитетот и квантитетот на услугите на државните институции. - Успешната реализација на овој проект треба да доведе до намалување на финансиските трошоци кои се издвојуваат за поврзување кон интернет и фиксна телефонија кај сите органи на државната управа, наведе Ивановски.
Тој најави дека ќе се овозможи простор за реализирање нови ИТ проекти, како Интернет телефонија, централизиран систем за управување со документи во сите институции и интероперабилност помеѓу сите институции кои учествуаваaт во издавање соодветни документи или на каков било начин нудат услуги кон граѓаните или компаниите.
Со новиот систем се поврзуваат Генералниот секретаријат на Владата и Секретаријатите за рамковен дoговор и за европски прашања, Министерствата за информатичко општетсво и администрација, образование и наука, локална самоуправа, финансии, здравство, правда, земјоделство, транспорт и врски, култура, животна средина, економија, труд и социјална политика, надворешни и внтарешни работи, Собранието на РМ, Царинската управа, Управите за јавни приходи и за водење матична евиденција, МАРНЕТ - систем сала МАТРИКС и канцеларијата на Претседателот на државата.
- Оптичкиот кабел е сопственост и го администрира МИОА. Тоа го направивме од аспект на безбедност и побрза комуникација со институциите. Имаме доволно простор сите наредни институции многу едноставно да ги приклучиме на мрежата. Приклучувањето во систем салата ќе биде на две фибер оптички влакна. За секоја институција има по една парица, но кабелот е доста обемен со 98 влакна, појасни Ивановски.