Холандска инвестиција во Македонија ќе отвори 100 работни места
Најмалку 100 работни места ќе отвори новата браунфилд инвестиција од три милиони евра на холандската компанија Р&S Tissue Culture Laboratories во источниот регион на Кочани и Виница.
Како што изјави денеска министерот за привлекување странски инвестиции Бил Павлески, 35 отсто од кадрите ќе бидат млади, со високо образование и потребни вештини. Ова е, рече, само прво вложување на компанијата која планира ширење на производството во гринфилд инвестиција.
- Владиниот економски тим работеше долго на оваа инвестиција и тој труд даде резултати. Компанијата е мултинационална, работи во Холандија и Јужна Африка. За проширување на бизнис капацитетите ја одбра Македонија врз основа на анализи што независно ги изработи и кои покажале дека земјава е меѓу најповолните дестинации за инвестирање, истакна Павлески.
Според него, производите на Р&S Tissue Culture Laboratories ќе бидат целосно наменети за извоз.
- Ние сме фабрика за одгледување растенија, во еколошки чиста околина, без бактерии, во лабораториски услови, пропагираме наш вид холтикултурни семиња во чиста околина. Станува збор за земјоделски сектор, но не во зелени куќи или нешто слично, туку во лаборатории. Запознаени сме за Македонија, мојот колега доаѓа од таму, одлучивме да започнеме таму затоа што инвестициската клима е добра во Македонија, но и зашто работиме со додадена вредност, па ни требаат добро едуцирани кадри, вели генералниот менаџер Едвин Рос, додавајќи дека планираат да почнат со работа наесен.
Во Македонија е присутна и холандската Антура која веќе ја објави својата инвестиција и стартуваше со изградба на фабрика, односно лабораторија за семе за цвеќиња. Tissue Culture Laboratories заедно со Антура ќе прават заеднички холандски кластер кај нас, а оваа идеја треба да резултира со можност да се приклучат и други вакви компании.