НР Кина донира над 3.000 книги за институтот „Конфуциј“ во Скопје
Институтот „Конфуциј“, кој во септември минатата година беше отворен во НУБ „Св. Климент Охридски“, во состав на Скопскиот универзитет, го збогати библиотечниот фонд со над 3.000 книги, учебници, наставни и аудиовизуелни материјали, кои му ги донираше Централната управа на институтите „Конфуциј“ од НР Кина.
Изданијата ќе им користат на околу 40 македонски студенти кои на Институтот го изучуваат кинескиот јазик и културата на една од најстарите цивилизации во светот.
Министерот за образование и наука Спиро Ристовски и ректорот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ Велимир Стојковски денеска го посетија Институтот и искажаа благодарност за поддршката на НР Кина, Кинеската амбасада во Скопје и на кинескиот Југозападен универзитет за финансии и менаџмент од Чангду, со чија соработка е отворен институтот во Македонија.
- Тоа е исклучително значаен исчекор во насока на интензивирање на соработката и комуникацијата помеѓу Република Македонија и Народна Република Кина, посебно поради фактот што институтите „Конфуциј“ се значајни центри на кинеската култура, наука и образование насекаде во светот. Во повеќе од 220 земји се отворени над 400 вакви институти. Донацијата за институтот „Конфуциј“ во Македонија е искучително значајна за секој заинтересиран студент или граѓанин кој сака да го изучува кинескиот јазик. Уверен сум дека ќе има голем интерес, зашто не станува збор само за класични училишни помагала, туку пратката содржи голем број книги со информации за историјата, културата, религијата и начинот на живот на една од најголемите светски сили, рече Ристовски.
Покрај наставата што ја нуди „Конфуциј“, врските со Кина се продлабочуваат и низ други програми - група од 40-ина македонски студенти ќе заминат на студии во Кина за традиционална кинеска медицина, а оваа година во Кина ќе заминат и првите 16 студенти на летен камп, кој за македонски студенти ќе се организира секоја година. Планирана е и размена на стручни лица од областа на лингвистиката меѓу двете земји.
- Ние имаме заедничко нешто - и кинескиот народ и цивилизација и македонскиот народ и цивилизација се милениумски и се длабоко вткаени во светските цивилизациски придобивки, истакна ректорот Стојковски, кој е и претседател на Управниот одбор на Институтот „Конфуциј“ при УКИМ.
Директорот на Институтот, проф. д-р Денг Ши Џонг, рече дека од отворањето имаат поддршка од МОН и од други министерства во Македонија.
- Нашиот развој е континуиран и во изминатата половина година немавме пречки. Досега имаме пет групи на курсисти, а се надеваме во иднина нивниот број да се зголеми. Главна задача на институтот е да ја развива наставата по кинески јазик, но освен тоа е и да ги унапреди и поддржи размената во образованието и културата и да одржува настани кои ќе ги подобрат односите меѓу Македонија и Кина во најразлични сфери. Се надеваме дека со нашите активности во Македонија ќе се развие љубов и интерес за изучување на јазикот, како и за разбирање на кинеската култура. Тоа е целта и на оваа донација од над 3.000 книги кои се подарок за граѓаните на Македонија, истакна Ши Џонг.