Изградба на спомен-куќа на револуционерот Христо Татарчев во Ресен

Куќата на еден од основачите на Македонската револуционерна организација Христо Татарчев во центарот на Ресен ќе биде изградена на местото каде што постоела и однадвор ќе го има автентичниот лик. Се очекува да биде готова и отворена во август идната година, соопшти денеска министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска.

За изградбата ќе биде надлежен Заводот и музеј-Битола. Таа ќе ги има стилските особености и амбиент на куќа со фолклорна архитектура типична за 19 век. Проектот е веќе израбортен врз основа на документација за објект кој веќе го нема. Објектот, кој бил прогласен за значајно културно наследство со особено историско значење, е урнат во 2004 година. За подготовка на градбата, во изминатиот период беше сменет и Детаљниот урбанистички план на општината.

Внатрешното уредување ќе има модификации, зашто новиот објект ќе функционира како спомен-куќа со музејски поставки и со простор за прием на посетители и за одржување разновидни културни настани. Ќе биде изградена на 280 метри квадратни, на приземје и кат, енергетски ефикасен објект со хортикултурно уредена околина.  

По средбата со ресенскиот градоначалник Ѓоко Стрезоски, директорката на битолскиот музеј Лилјана Христова, проектантите и претставници на Управата за заштита на културното наследство, Канческа-Милевска информираше  дека до крајот на месецов на тендер ќе биде избрана фирма која во август-септември ќе почне да ја гради куќата и таа да биде завршена за една година. Паралелно се работи и на ентериерт и собирање на експонати по пат на откуп или донација.

- Овој објект има посебно значење за историјата на македонскиот народ од периодот на национално-ослободително движење. Поради неговата важност, овој проект се наоѓа и во програмата на Владата и на Министерството за култура и е предвидена изградба на нов објект. Во него ќе има  современа музејска поставка и во три засебни целини ќе бидат изложени голем број фотографии, предмети и документи за револуционерната активност на Христо Татарчев, прв претседател на Централниот комитет на Организацијата, изјави Канческа-Милевска. Таа нагласи дека обновата на објектот ќе придонесе и за развој на културниот туризам во Ресен.

Ресенскиот градоначалник Стрезоски рече дека е задоволен што ќе се реализира нивна дамнешна желба - да се изгради спомен-куќа посветена на Татарчев кој потекнува од нивниот град.

- Просторот на куќата долги години стоеше запуштен и обраснат со дива вегетација. Бидејќи е во центарот на градот, сметам дека со изградба на куќата ќе се постигнат повеќе цели - тој простор ќе се облагороди и Ресен ќе добие објект што ќе го промовира нашето културно и историско наследство и ќе биде основа за развој на културниот туризам во нашиот град, истакна Стерезоски.

Лекарот Христо Татарчев (1869-1952) се родил во куќата и во неа имал ординација, а нејзиното историското значење  е во тоа што се смета дека таму во август 1894 бил одржан првиот конгрес на Внатрешната македонска револуционерна организација, формирана претходната 1893 година.  Експонатите во музејската поставка ќе бидат хронолошки поделени во три дела - предилинденскиот период, активностите на Татарчев во Илинденското востание и периодот по 1903 до неговата смрт во 1952.