Министерот Павлески на Светски дипломатски форум во САД
Министерот за странски инвестиции, г-дин Бил Павлески учествува како главен излагач на дводневниот Светски дипломатски форум 2014, кој се одржува во Сан Диего, Соединетите Американски Држави.
Конференцијата е моделирана по примерот на Светскиот економски форум, кој се одржува секоја година во Давос, Швајцарија, и притоа се фокусира на меѓународната економија, странските директни инвестиции и нивното влијание, како и интернационалната дипломатија која е директно поврзана со привлекување странски инвестиции и развојот на една економија. На настанот се дискутира на теми од областа на економијата, меѓународната сајбер безбедност, одбраната, здравството, банкарството, образованието, еколошки здрави технологии и биофармацијата.
Министерот Павлески, како еден од главните излагачи на Форумот, говореше на тема ”Меѓународната економска дипломатија во заедничка мисија за постигнување глобална конкурентност“.
На Светскиот дипломатски форум 2014 присуствуваат над 200 меѓународни амбасадори, светски лидери на познатите Fortune 500 компании, бизнис организации и академски институции, кои се посветени на развојот на одржливи интернационални инвестиции и социјални приоритети. Овој настан претставува место каде се создаваат важни бизнис врски и пријателства, притоа влијаејќи на клучните глобални дипломатски прашања и унапредувањето на соработката меѓу развиените и економиите во развој.
Министерот Павлески, за време на престојот во САД, оствари средби со бордот на директори на познати американски компании кои се во процес на одлучување за проширување на нивните производствени капацитети во Европа. Компаниите најавија посета на Македонија, која ќе следи во наредниот период.