Воведени стипендии за изучување старотурски јазик
Министерството за образование и наука од оваа година воведува нова категорија стипендии за додипломски и постдипломски студии наменети за изучување на старотурски јазик на некои од светските универзитети на кои има катедри за отомански студии.
Како што информира на денешната прес-конференција министерот за образование и наука Спиро Ристовски, конкурост за стипендиите ќе биде објавен денеска на интернет страницата на Министерството и согласно програмите за студентски стандард и за научна истражувачка дејност на Министерството за академската 2014/2015 година, ќе бидат доделени 20 целосни стипендии кои покривт трошоци за уписнина, месечен паричен надоместок и за авионски билет.
- Стипедниите се иницирани од реалната потреба на нашата земја за стручен кадар кој ќе работи на превод и толкување на голем број стари документи и ретки ракописи кои ги има во македонските, но и во странските достапни архиви, во библиотеките, како и во имотните книги, а се напишани на старотурски јазик, рече Ристовски.
Кандидатите за стипендирање на додипломски студии за изучување на старотруски јазик треба да имаат завршено четиригодишно средно образование и да се примени на додипломски студии од прв циклус по првпат во прва година во академската 2014/2015 на некои од универзитетите каде овој јазик се изучува. Кандидатите пак за стипендирање на постдипломски студии треба да имaат диплома за завршен прв циклус на студии во трање од три односно четири години во земјата или странство за што потребно е странската диплома да е ностифицирана, како и да се примени на академски студии од втор циклус првпат во прва година во академската 2014/2015 на некои од универзитетите каде овој јазик се изучува.
Предност во добивањето стипендија ќе имаат кандидатите што студирале на некоја од студиските програми по историја.
Документите потребни за аплицирање заинтересираните можат да ги видат во конкурсот, а крајниот рок за нивно доставување до МОН е 15 август.
По апликациите ќе одлучува посебна комисија формирана за оваа намена, а апликантите ќе бидат известени за одлуката од комисијата најдоцна 15 дена по завршување на конкурсот.
Кандидатите што ќе добијат стипендија за додипломски или постдипломски студии за изучување на старотурскиот јазик ќе потпишат договор со МОН со кој се обврзуваат да работат најмалку 10 години во РМ по завршување на студиите за што државата им гарантира соодветно работно место во Државниот архив на РМ, Институтот за национална историја, во МАНУ или некоја друга соодветна институција, што според министерот Ристовски претставува мотив плус за поголема заинтересираност кај средношколците и дипломираните студенти.