Спасов: Ќе продолжиме со отворање нови градинки
Mинистерот за труд и социјална политика Диме Спасов денеска ја посети градинката „Праскичка“ во Росоман, која беше отворена пред околу еден месец. Градинката има модерни и современи услови за сместување, згрижување и воспитување на 80 дечиња од предучилишна возраст.
- Општина Росоман немаше градинка, а сега има нова модерна и современа установа за згрижување деца од предучилишна возраст. Во иднина ќе може да размислуваме и да разговараме заедно со градоначалникот и да преземеме активности за зголемување на капацитетите за сместување, истакна Спасов по посетата.
Тој информираше дека вкупната инвестиција за изградба на објектот и негово опремување е околу 14 милиони денари обезбедени од Министерството за труд и социјална политика, и од општината.
- Како Министерство за труд и социјална политика и во наредниот период ќе преземаме конкретни активности за зголемување на бројот на градинките во Република Македонија. Во нашиот четиригодишен план имаме приоритет да изградиме околу 40 нови градинки. Оваа година очекувам околу 15 до 16 нови објекти да бидат отворени ширум Македонија, со посебен фокус на руралните средини од целата држава во кои досега немало градинки. Дел од нив ќе бидат сосема нови, а дел преадаптирани простори. Наш приоритет е подобрувањето на условите за згрижување и воспитување на деца од предучилишна возраст и во таа насока ќе продолжиме во иднина, рече министерот за труд и социјална политика.
Од една страна, додаде тој, ќе ги зголемуваме капацитетите, а од друга континуирано ќе ги подобруваме условите воведувајќи нови содржини промовирајќи ги значењето на здравата храна и нови активности во градинките како набавка на логички игри за децата.
Одговарајќи на новинарско прашање Спасов рече оти знае дека и Кавадарци има потреба од дополнителен капацитет за згрижување и воспитување на деца од предучилишна возраст.
- Во разговор со градоначалникот на Кавадарци му сугерирав да се искористат поволните кредитни линии на Светска банка која се реализира преку Министерството за финансии. Единиците на локална самоуправа можат да користат од тие средства. Станува збор за еден навистина поволен кредит со ниска каматна стапка со долг грејс период. Се надевам дека во наредниот период во соработка со општината ќе се зголемат и капацитетите во Кавадарци, тоа е во нашиот фокус, истакна Спасов.
Тој додаде дека е многу важно што една општина како Росоман која е блиску до Кавадарци има нова градинка бидејќи поголемиот дел индустриски капацитети се во Кавадарци, а голем број росоманчани работат во нив.
Градоначалникот Стојанче Лазов се заблагодари на Владата на Република Македонија и Министерството за труд и социјална политика за прекрасниот објект со што се покажува грижата за руралните општини и најави изградба на дисперзирани објекти на градинката и во некои од населените места.