Попоски: Подготвени сме за преговори со ЕУ и за членство во НАТО
Министерот за надворешни работи Никола Попоски ја реафирмираше подготвеноста на Република Македонија за отпочнување на преговорите за пристапување во ЕУ и за членство во НАТО на денешниот брифинг со амбасадорите на земјите членки на Унијата и на Северноатлантската алијанса како дел од редовните средби за размена на мислења за актуелни теми од заеднички интерес.
Владата, според Попоски, посветено продолжува да работи на реформите во правосудството и борбата против корупцијата, соопшти МНР.
Воедно, се додава, дека беше нагласен напредокот со градењето на систем на следливост за ефикасноста во правосудството.
За почитувањето на слободата на медиумите, Попоски, се наведува, истакна дека Владата осудува секаков говор на омраза, навреда и клевета без разлика од која страна се изречени и на кој се однесуваат.
- Фактот што Република Македонија од 2008 година ги има исполнето сите НАТО критериуми за членство и веќе петта година е целосно подготвена да води пристапни преговори со ЕУ, треба да се искористи за стратешки исчекор од двете организации за задржување на кредибилитетот во процесот на проширување, смета шефот на дипломатијата Попоски.