Владата со десетгодишен план и инвестиции во системот за наводнување
Од 2015 година во следните десет години Владата ќе вложи над 200 милиони евра во проширување и реконструкција на постојните и изградба на нови објекти во системот за наводнување.
Акцискиот план што го подготви владиниот Комитет за надводнување предвидува во првите неколку години да бидат вложени околу 18 милиони евра годишно за овие цели, а во следните години средствата да се зголемат во износ кој нема да биде помал од 20 милиони евра на годишно ниво.
- Многу работи во земјоделството напреднаа, дел се решија, меѓутоа наводнувањето остана еден од погорливите проблеми кој во иднина се заканува да биде уште погорлив имајќи ги предвид климатските промени и достраеноста на системите, истакна премиерот Никола Груевски на денешната прва официјална презентација на Стратегијата пред градоначаници и директори на водоводни претпријатија.
Документот е изработен во соработка со водостопанските претпријатија, корисниците на државно земјоделско земјиште, со фармерите кои имаат поголеми земјоделски површини, како и во консултација со експерти од Турција, Израел и Хрватска.
Стратегијата е во форма на нацрт-документ кој со оглед на сериозноста на проблематиката во текот на летото ќе биде презентиран пред сите релевантни фактори низ државата.
Документот треба да биде усвоен најдоцна во септември откако претходно ќе бидат анализирани сите предлози и забелешки.
- Нема добро земејоделство без вода и тоа на нас како Влада ни е сосема јасно. Се работи за добро организиран, систематски приод на инвестирање во наводнувањето. Се надеваме дека документот на крај ќе биде општо прифатен. Ова е документ кој не сакаме да остане само на хартија, туку да биде реализиран, нагласи Груевски, кој ги повика сите релевантни фактори да се вклучат во дебатите со свои сугестии.
Покрај инвестициите во системот за наводнување, планирано е да се изврши и реформа во менаџирањето со системот за наводнување.
- Од 2004 година до денес се раководиме по концепт кој се покажа дека не е доволно функционален и дека не ги задоволува потребите на македонското земјоделство. Истовремено површините кои претходно беа под системот за наводнување, се намалуваат. Преку овие инвестиции имаме намера површините под системот за наводнување да бидат од 80 до 85 илјади хектари и добар дел по ситемот за одводнување. Тоа се серизни површини затоа што сакаме да обезбедиме континуитет на земјоделското производство, зголемување на количините и на квалитетот на земјоделските производи и справување со климатските промени, истакна министерот за земјоделство,шумарство и водостопанство Љупчо Димовски.
Тој најави дека од годинава ќе започне и изградбата на браната на Оризарска река во Кочани и на браната Коњско во Гевгелија, кои се два значајни проекти за земјоделството. Истовремено се продолжува и со реализација на втората фаза од хидросистемите Злетовица и Лисиче.
Земјоделските здруженија се задоволни од десетгодишната стратегија и се надеваат дека со најавените инвестиции ќе го задржат производството.
- Веруваме дека со овој план навреме сите предвидени земјоделски површини ќе бидат снабдени со вода и таа ќе се користи домаќински. Што е најважно ќе го здржиме производството затоа што со климатските промени може да се случи голем дел од земјоделските површини да останат без приноси, изјави Ефтим Шаклев, претседател на Асоцијација на земјоделците.
Претседателот на Сојзуот на земјоделци Вељо Тантаров се надева дека со новиот документ ќе се надминат проблемите кои биле присутни во делот на наводнувањето.