Премиерот Никола Груевски и владината делегација се обратија на бизнис форум во Ливерпул
Во рамките на редовната програма на Глобалниот економски форум 2014 во Ливерпул, во соработка со групацијата „Фајненшл Тајмс“ се одржа и Инвестициски форум посветен на можноста за инвестирање во Република Македонија каде владиниот тим предводен од премиерот Никола Груевски, а во чиј состав е и заменик претседателот на Владата Зоран Ставрески и директорот на Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони Виктор Мизо, ги презентираше можностите за водење бизнис во Македонија, и можностите за инвестирање на британските и меѓународните компании во Македонија.
Премиерот Груевски пред присутните инвеститори ги наведе даночните олеснувања како силна компаративна предност на нашата земја, истакнувајќи дека е воведен најповолен пакет на рамни и ниски даноци и се поедноставени постапките за нивно пријавување и плаќање. Данокот на добивка и персоналниот данок на доход изнесуваат само 10% што е меѓу најниските во Европа, при што од оданочување се ослободува и задржаната и реинвестираната добивка која нема да се распредели како дивиденда.
Премиерот Груевски истакна дека за инвеститорите во технолошко-индустриските развојни зони е достапно ослободување од персонален и данок на добивка во времетраење од 10 години и ослободување од плаќање на надомест за уредување на градежното земјиште кон општините, како и од надоместоци за добивање на градежни дозволи. Земјиштето се дава под долгорочен закуп под поволни услови за период до 99 години. Тој посочи дека освен тоа што во последниот период дојдоа угледни компании од повеќе важни сфери од индустријата, некои од нив одлучија и да ја реинвестираат својата добивка преку отворање на втори капацитети и фабрики што е потврда за успешната бизнис приказна во Македонија. Се осврна и на вложувањата во сферата на капитални инфраструктурни проекти како што е изградбата на новите автопатишта, почетокот на изградбата на железничката пруга кон Бугарија, како и реконструкција на Kоридорот 10.
Вицепремиерот на Владата Ставрески се осврна на основните макроекономски показатели на земјата, истакнувајќи ги стабилноста на девизниот курс, ниската инфлација и зголемувањето на извозот кон значајни држави членки на ЕУ. Тој се задржа на реформите за олеснување на бизнисот, како што е регулаторната гилотина, проект со кој е значително намалена бирократијата и регулаторниот товар врз фирмите, преку поедноставување на постапките за добивање лиценци, дозволи, одобренија и други формалности, како и преку намалување на надоместоци и до 50%. Ставрески ги истакна и воведениот електронски систем за плаќање даноци и добивање на царински дозволи, и воспоставувањето е-Катастар на недвижности кој сега покрива 99% од територијата на државата.
Директорот Виктор Мизо ги објасни поволностите кои земјата ги нуди на странските инвеститори во индустриските зони. Тој истакна дека таквата посветеност придонесе повеќе мултинационални компании да донесат одлуки да инвестираат во Македонија, како што се британската „Џонсон Мети“ (со два капацитети во Скопје), американските „Џонсон Контролс“ (со капацитети во Скопје и Штип), „Кемет Електроникс“ и „Амфенол“, германските Кромберг и Шуберт и Дрекселмајер, белгиската „Ван Хул“, италијанската „Текнохозе“ и повеќе други капацитети, нагласувајќи дека постои зголемен интерес и од други компании за можноста за инвестиции во Македонија.
За можноста за инвестирање изјава даде и Ричард Парсон, извршен директор на „Ворлвајд-ФДИ“ кој посочи дека е исклучително важно што на овој начин британските инвеститори, непосредно од највисоките државни претставници, имаат можност да се запознаат со тоа што има да понуди Република Македонија. Тој истакна дека на овој начин се информирани за тоа дека македонската економија добро напредува во повеќе области, а тоа е значаен факт да се охрабрат инвеститорите на Македонија да гледаат како место каде може да се остварат инвестиции и позитивни бизнис резултати.
На форумот се обрати и извршниот директор на компанијата „Еуромакс“, Стив Шарп. Пријатно сум изненаден од одѕивот и фактот колку луѓе се присутни на самиот настан. Имаме искуство од прва рака колку пријатно место е за инвестирање Република Македонија. Голем дел од моето време го посветувам за да им кажам на луѓето колку добро е да се инвестира во Македонија. Таму сме поради природните ресурси, но и поради тоа што наидовме на пријателска и прагматична поддршка од македонската Влада, така да тоа е едно од најдобрите места за инвестирање, истакна Шарп.