Отпис на долговите за социјално ранливите категории прва мерка на новата Влада
Предлог-законот за отпис на долговите за социјално ранливите категории е првата мерка што Владaта на Република Македонија ја донесе на седницата одржана еден ден по нејзиниот избор. Како што истакна на денешната прес-конференција премиерот Никола Груевски со тоа се исполнува ветувањето дадено на изборите.
- Република Македонија како социјална држава која согласно Уставот се грижи за социјалната заштита на граѓаните има право и обврска да им помогне на најранливите категории граѓани. Оваа мерка се носи еднократно и нема да се повтори, а причина за нејзината реализација е одговор на државата кон последиците на светската и европската економска криза, рече Груевски.
Со законот ќе бидат опфатени корисниците на социјалната парична помош и на постојана парична помош, лица кои бараат работа повеќе од 12 месеци и лица изложени на социјален ризик поради смрт на брачен другар или инвалидност. Невработените лица и лицата изложени на социјален ризик може да го остварат правото на отпис под услов во 2013 година заедно со брачниот другар да не оствариле приходи поголеми од 105.600 денари што претставува годишен износ на минималната плата и да не поседуваат друг имот освен стан или живеалиште во кое живеат.
Предмет на отпис се долгови настанати заклучно со 31.12.2013 година за искористена електрична односно топлинска енергија, долг по основ на радиодифузна такса, по основ на кредитни картички и пречекорување на трансакциски сметки и потрошувачки кредити класифицирани во категоријата Г и Д за кои не се обезбедени со движен и недвижен имот кон деловните банки. Дополнително предмет на отпис се и трошоците за нотари и извршители поврзани со наплата на долгот кој е предмет на отпис настанати до денот на отписот.
Отписот на долгот е на доброволна основа од страна на доверителите кои ќе склучат договор со Министерството за финансии, а врз основа на барање за отпис поднесено од страна на граѓаните должници. Предвидена е и постапка со која ќе се спроведе оваа законска мерка, а која постапка е наједноставна и со најмал трошок за граѓаните. Најголем дел од документите ќе ги обезбедува комисијата формирана од министерот за труд и социјална политика по службена должност.
Со постапката се предвидува по донесување на законот за еднократен отпис на долговите од страна на Парламентот, Министерството за финансии да објави јавен повик до доверителите - деловни банки, ЕВН, БЕГ, МРТ, како и нотари и извршители за склучување на договори за еднократен отпис на долговите. Повикот ќе трае седум дена, а договорите може да се склучат во период од 30 дена од завршување на јавниот повик. По склучувањето на договорите со доверителите Министерството за финансии преку пишаните и електронски медиуми ќе ги повика заинтересираните граѓани односно должниците да поднесат барање за отпис на долговите. Барањата за отпис на долгот ќе се поднесуваат до центрите за социјална работа во местото на живеење, а рокот за поднесување на барањата е 30 дена. Кон барањето кое ќе биде на пропишан образец должниците доставуваат документи за идентификација, лична карта, извод од матична книга на венчани и писмена согласност за обезбедување на податоци поврзани со долгот. Доколку се работи за долг по основ на искористена електрична енергија или топлинска енергија поднесуваат и фотокопија од последната фактура за да може да се најдат овие должниците во системите на доверителите.
Центрите за социјална работа пак ги доставуваат барањата со документација до Министерството за труд и социјална политика. Барањата со документацијата ги разгледува комисија формирана од министерот за труд и социјална политика. Комисијата по службена должност обезбедува податоци потребни за утврдување на статусот на подносителот на барањето. Податоците ги обезбедува од центрите за социјална работа, Агенцијата за вработување, Агенцијата за катастар на недвижности, Фондот за пензиско и инвалидско осигурување и од Управата за јавни приходи. Институциите се должни бараните податоци да ги достават до комисијата во рок од седум дена од поднесување на барањето.
По утврдување на статусот на барателите, комисијата до доверителите кои склучиле договор со Министерството за финансии поднесува барање за висината на долгот. Доверителот е должен да ги достави податоците во рок од седум дена од приемот на барањето. По добивање на податоците за долгот комисијата донесува акт за утврдување на правото за отпис на долгот и го доставува до доверителот за спроведување. За отпишаниот долг доверителите имаат право на даночен кредит во висина на одреден процент од долгот. Даночниот кредит значи право на намалување на утврдениот данок на добивка за доверителите - правни лица, деловни банки, ЕВН, БЕГ, МРТ, односно намалување на персоналниот данок на доход за нотарите и извршителите. Даночниот кредит ќе се утврди со договорите што Министерството за финансии ќе ги склучи со доверителите и може да изнесува до десет отсто од отпишаниот долг.
На пример, доколку еден доверител, а е правно лице, отпише долгови во вкупен износ од 100 денари тогаш ќе плати 10 денари помалку данок на добивка. Вториот пример е со извршителите и нотарите. Овие субјекти имаат побарувања по однос на нотарска и извршителска награда како една категорија и по однос на реално направени тршоци. Овие субјекти доброволно ќе се откажат од износот на нотарската и извршителската награда, а износот направен како реален трошок ќе им биде признат во цел износ како даночен кредит од персонален данок на доход. На пример доколку еден нотар или извршител има вкупни побарувања од 100 денари од кои 50 денари се награда, а 50 се реален трошок, тогаш тој субјект ќе се откаже да наплати 100 денари од должникот граѓанин, а за 50 денари ќе му биде признато правото на даночен кредит.
- Владата ќе ги вложи сите свои капацитети за успех на проектот, а тој во голема мера зависи и од доверителите. Затоа ги повикувам ЕВН, потоа Топлификација односно соодветниот субјект кој ја презеде оваа работа, банките, штедилниците, МРТ, нотарите и извршителите да се вклучат во проектот и да покажат дека не само профитот, туку и општествената одговорност е нивниот приоритет. За реализација на проектот ќе биде потребно и време, но и институциите со целиот свој капацитет ќе работат на него и ќе го реализираат, апелираше премиерот Груевски.
Се очекува на повикот за отпис на долгови да се јават меѓу 50 и 100 илјади граѓани. Се очекува проектот да биде реализиран до крајот на октомври односно почетокот на ноември. - Се работи за неколку милиони евра за коишто имаме план како да се обезбедат од буџетот за следната година, рече Груевски.