Груевски: Изградбата на ПЕТ Центарот интензивна, објектот готов во февруари
Изминатиот период интензивно се работеше на градбата на Центарот за позитронска емисиона томографија - ПЕТ-Центар, во кругот на Градската општа болница „8 Септември“ - Скопје, кој добро напредува. Очекуваме дека објектот навреме ќе биде завршен, а тоа е некаде кон средината на февруари наредната година.
Ова денеска го истакна претседателот на Владата на Република Македонија, Никола Груевски кој заедно со министерот за здрвавство Никола Тодоров направи увид во градежните работи за изградба на ПЕТ-Центарот. Објектот е проектиран како современ здравствен објект во кој ќе биде вградена најсовремена опрема за радиофармација, радиопротекција и дијагностика.
- Се работи за прилично специфична градба затоа што во овој Центар ќе има дијагностицирање со користење нуклеарен материјал, така што градбата е под целосно водство во смисла на совети, но и надзор на Меѓународната агенција за атомска енергија. Има специфични елементи, специфична градба, големи количини бетон, арматура, железо. Сите простории се направени согласно најсовремените стандарди во оваа област кои ги препорачува Меѓународната агенција за атомска енергија, рече Груевски.
Нагласи дека станува збор за еден специфичен, меѓутоа исклучително значаен објект, затоа што, како што појасни, во него практично ќе се врши дијагностицирање и пронаоѓање на секоја малигна клетка во телото, вклучувајќи ги и рецидивите, односно метастазите.
- Со инјектирање на одреден супстрат во вената на пациентот практично и со негово подложување на снимање на апарат ќе се види секоја дури и најмала малигна клетка во телото или нејзин рецидив, посочи Груевски.
Тоа е метода, појасни Премиерот, која што е најсовремена, која што поретко ја има во државите и која што Македонија ќе ја добие некаде до средината на февруари кога договорот предвидува објектот да биде завршен.
- Како што разбрав од Министерот, компанијата во текот на летото во еден одреден период ќе работи и по 24 часа во смени со цел да ги стигне роковите кои се прилично кратки за кои се има нафатено и очекуваме дека објектот навреме ќе биде завршен, а тоа е некаде кон средината на февруари, истакна Груевски.
Државата во објектот, посочи Премиерот, вложува 6 милиони евра за градба и 6 милиони евра за опрема, плус имаме милион до два донација од различни меѓународни институции во одредени апарати, така што станува збор за објект што чини приближно 14 милиони евра, од кои 12 милиони евра ги вложува државата.
- Центарот ќе биде погоден да го користат и други држави во регионот кои немаат вакви центри и на тој начин ќе остварува и дополнителни приходи кои понатаму ќе ги вложува во понатамошен развој на овој центар, додаде премиерот Груевски.