Груевски: Одлучни сме проектот за еднократен отпис на долгови да го завршиме на време
Цврсто сме одлучени проектот за еднократен отпис на долгови да го завршиме на време, онака како што го ветивме, истакна денеска премиерот Никола Груевски по увидот во градежните работи за изградба на Центарот за позитронска емисиона томографија - ПЕТ-Центар, во кругот на Градската општа болница „8 Септември“ - Скопје.
Во нашата изборна програма и на секој митинг, потсети Груевски, информиравме за овој наш проект, кој го ветивме пред граѓаните. На првата владина седница, прва точка што ја разгледувавме, како што рече, беше токму тој проект затоа што знаеме дека има огромен број граѓани кои го очекуваат, а има и дел од граѓаните кои не веруваа дека ќе се реализира.
- Тоа се дел од причините заради кои сакаме што побрзо да се донесе и што побрзо да им се помогне на огромен број граѓани. Точната бројка не може да се каже во овој момент, меѓутоа се работи за 50 до 100 илјади луѓе кои потенцијално може да се пријават, бидејќи тоа доброволно е. Во случај некој да не се пријави, а може да ги исполнува условите, тогаш нема да ги искористи бенефитите од еден ваков проект, потенцира Груевски.
Премиерот потсети дека овој проект е еднократен и додаде оти е директно поврзан со светската и европската економска криза која, како што рече, годинава чувствуваме дека привршува.
- Оценивме дека е добро еднократно да им помогнеме на најранливите категории граѓани, кои секогаш во такви кризи најтешко поминуваат и најмногу ја чувствуваат таа криза. Одиме со еден ваков проект, кој очекуваме кон крајот на октомври и почетокот на ноември да заврши. Очекуваме во текот на јуни и јули да биде во Парламентот и веднаш по прифаќањето да почне неговото спроведување, рече Груевски.
Владата, како што додаде, преку јавните гласила ќе се обиде максимално да ги информира граѓаните за деталите, за постапките што треба да направат.
- Во овој период, додека Парламентот не го усвои, тие не треба ништо да направат, освен да се запознаат со деталите на постапката, за што, секако ние како државни институции ќе им помогнеме во информирањето. Веднаш по стапување на законот на сила, роковите се 30 дена. Во тие 30 дена ќе треба секој граѓанин да ги достави документите, за што е потребно во овој период добро да се информира, за кога ќе почнат да течат овие 30 дена веднаш да ги достават документите за да не дојде до задоцнување, рече Груевски.
Според него, многу луѓе имаат товар, односно не можат да издржат долг период со толку неплатени сметки.