Македонија доби неповратни 36,9 милиони евра од ЕК за спроведување на реформите

Македонија од Европската комисија ќе добие 36,9 милиони евра неповратни средства за решавање на повеќе горливи прашања  од сите сфери на реформите неопходни за приближување до Европската унија.

Тоа го овозможува Спогодбата за финасирање на Националната програма за компоненетната помош во транзиција и институционална надградба во рамките на Инструментот за претпристапна помош - ИПА за 2010 година што денеска во Владата на Република Македонија ја потпишаа вицепремиерката за европски прашања и национален координатор за странска помош Теута Арифи и директорката во Директоратот за проширување на Европската комисија Александра Кас Грање.

- Со денешниот чин потврдуваме дека Република Македонија има полн капацитет да ги мобилизира средствата од претпристапните фондови и да ги направи достапни за широк опфат на институции и корисници, рече вицепремиерката Арифи по потпишувањето на Спогодбата.

Средствата, нагласи, во прв ред ќе се трошат за реформа на судството, ревитализација на објекти од културното наследство, поддршка  на граѓанското општество и на еднаквоста, борба против корупцијата, подобрување на јавните услуги,...

Заблагодарувајќи се на, како што  кажа, нашите пријатели од Европската комисија, Арифи рече дека и во иднина смета на нивната поддршка и соработка.

Директорката Кас Грање посочи дека финасиската Спогодба кореспондира со Програмата  на ИПА за 2010 година - Компонента 1, која е поврзано главно со техничка помош и градење на институции за да се помогне во исполнувањето на критериумите за пристап до ЕУ.

- Тука сме за да ви помогнеме на патот за исполнување на политичките услови за влез во Европската унија. Голем дел од средствата ќе се искористат за поддршка на судството, борбата против корупцијата, контролата на границите,... Ќе ви дадеме поддршка да ги исполните и економските критериуми и ќе ви помогнеме да влезете во проектите кои се поврзани со размена на знаења кои ќе помогнат граѓаните да се интегрират во ЕУ, рече Кас Грање.

Таа им се заблагодари на вицепремиерката Арифи и на сите експерти кои беа дел од програмата и нагласи оти тешката заддача допорва доаѓа, а тоа е имплементирањето на програмата.

Импелементацијата мора да се направи со децентрализациски режим што значи дека вие како земја ќе управувате со тие фондови. Сите средства мора да се искористат соодветно, истакна Кас Грање.