Премиерот Никола Груевски се сретна со директор на Светска банка за ЈИЕ, Елен Голдстејн
Претседателот на Владата на Република Македонија г-дин Никола Груевски денес (23 јуни 2014 година) оствари средба со регионалниот директор на Светска банка за Југоисточна Европа, г-ѓа Елен Голдстејн.
Соговорниците на средбата се осврнаа на одбележувањето на 20 години од соработката и воспоставувањето на активен однос со Светската банка, при што од двете страни беше констатирано позитивното искуство и плодотворноста која се согледува во проектите кои се реализираат. Премиерот Груевски се заблагодари за досегашната поддршка и посочи дека во Светската банка гледаат добар партнер со кого во последните 8 години се работи на исполнување на крупни проекти од различни сфери кои се во функција на напредокот на економијата и унапредувањето на економските односи.
Премиерот Груевски заедно со неговата соговорничка се осврнаа и на изработката на новата стратегија на Светска банка, како и можноста за реализација на повеќе проекти кои би биле дел од оваа стратегија, за кои Владата е заинтересирана и работи за нивно остварување.
Во таа насока, премиерот Груевски истакна дека Владата на Република Македонија е фокусирана кон реализација на значајни инфраструктурни проекти кои ќе го стимулираат развојот на економијата и ќе обезбедат дополнителен број на вработувања. Во таа насока се и проектот за реализација на новите автопатишта, изградба на железничката пруга кон Бугарија, процесот на гасификација на Република Македонија и други. Соговорниците се осврнаа и на повеќе други проекти од сферата на енергетиката, земјоделието и инвестирањето во системите за наводнување и изградбата на регионални патишта.
На средбата се разговараше и за остварувањето на економскиот раст, како и напорите кои ги прави Владата за да го помогне истиот, и да се одржи на високо ниво со цел да биде во функција на економскиот напредок и подобрување на стандардот на граѓаните.
Г-ѓата Елен Голдстејн изрази задоволство од постигнатото во изминатиот период, како и тоа дека Македонија се покажа како активен партнер во реализацијата на повеќе проекти.
Соговорниците изразија надеж за продолжување на одличната соработка, и низ партнерски однос да се работи на реализацијата на проекти кои ќе бидат од интерес за граѓаните и стимулирање на економскиот развој.