Потпишан договор за набавка на нови гарнитури за патнички возови
Договор за набавка на нови четири дизел моторни гарнитури и две електромоторни гарнитури за превоз на патници во железничкиот сообраќај потпишаа денеска Владата на РМ и кинеската корпорација CSR, една од најголемите компании во светот за производство на вагони и локомотиви.
Првите гарнитури треба да стигнат идното лето. Нивниот капацитет е за околу 1200 патници, целосно ќе бидат климатизирани, опремени со вакуум тоалети, енергетски ефикасни и ќе ги задоволуваат сите безбедносни стандарди и стандардите за превоз на лица со ограничена мобилност.
Инвестицијата за овој проект е 25 милиони евра - средства од Европската банка за обнова и развој, а доаѓа по 35 години од набавката на последниот нов воз во Македонија.
Дополнително, со 15 милиони евра почна набавка и на товарни вагони, а со уште 10 милиони евра ќе се рехабилитираат гарнитури на постојни возови за и тие да се оспособат, така што вкупната инвестиција за обнова на целиот возен парк на „МЖ Транспорт“ а.д. е 50 милиони евра.
Вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески по потпишување на договорот рече дека очекува тој да биде исполнет во рокот и во летото 2015 година по македонските пруги да сообраќаат нови, модерни и економични вагони и локомотиви.
Посочи и дека оваа набавка на нови вагони е дел од голем инвестициски циклус во железницата, во кој се и почетокот на изградбата на пругата кон Бугарија и реконструкција на Железничката станица во Скопје.
- Инвестицискиот циклус во следните четири години ќе изнесува над 250 милиони евра. Со оваа голема инвестиција целосно ќе се трансформира и ќе се модернизира македонскиот железнички сообраќај. Железницата не само што е најекономичен начин на транспорт и превоз, туку и најпријатен, лично мене ми е најомилен начин на превоз. Но, факт е дека во РМ таа не беше целосно искористена. Причините за тоа се недостатокот на инвестиции - и во инфраструктура и во вагони и локомотиви, рече Ставрески.
Договорот за набавка го поздравија министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески и генералниот директор на „МЖ Транспорт“ а.д. Оливер Дерковски, нагласувајќи дека со него се врти нова страница во развојот на македонската железница.
- Почнуваме со креирање една нова, поинаква слика за железничкиот транспорт во нашата земја, посебно затоа што последниот воз е набавен пред 35 години. Продолжуваме со модернизација на состојбите во железничкиот сектор и негово максимално насочување кон потребите на граѓаните со квалитетен и ефикасен патнички превоз, со модерни возови какви што заслужуваат македонските граѓани, рече Јанакиески.
Заменик-претседателот на корпорација CSR Шу Цонгшијанг се заблагодари за довербата од Владата на РМ и рече дека ќе ја оправдаат со исполнување на договорот. CSR произведува и сервисира локомотиви и вагони за патници и за товар, мотори за возила и возила за градски превоз и соодветни компоненти, а ја има произведено и првата електрична локомотива во НР Кина.
- Во 2013 година компанијата постигна приход од 16 милијарди американски долари и потпиша странски договори во износ од 2,2 милијарди долари. Досега нашата компанија има снабдено производи и сервиси во над 80 земји во светот. Во Македонија потпишуваме прв договор и е многу важна иницијативата на македонската влада да го подобри јавниот транспорт. Ветувам целосно исполнување на договорот и јас лично постојано ќе внимавам на спроведувањето на овој проект, ветувам дека ќе ја оправдаме довербата и ќе понудуме супериорен квалитет и сервис, рече Цонгшијанг, кој на претставниците на Владата на РМ им подари минијатури од моделот на возовите.
Цонгшијанг информираше дека годишната инвестиција на железницата во НР Кина е над 100 милијарди долари. Железничката мрежа е 100.000 километри, од кои 11.000 км се високобрзински железнички линии од прв ранг.