Велес доби нов театар и стадион
Велес го доби новиот објект на Театарот, кој официјално го отворија премиерот Никола Груевски и министерката за култура Елизабета Канческа Милевска. Инвестицијата е на Владата на Република Македонија.
Објектот е изграден на 4.200 квадратни метри и располага со голема сала со капацитет од 370 посетители и мала сцена со можност да прими од 50 до 110 посетители. Основниот сценски простор од големата сцена е од модуларен тип со три оркестарски и осум сценски платформи кои овозможуваат лесна, брза, безбедна трансформација и конфигурација на основниот сценски простор.
Објектот располага со опрема и уреди, аудио и видео системи од врвни светски производители, со можност за презентација на театарски дела со ефект и квалитет како во најсовремените театри во Европа и светот, со што ќе биде овозможено во Велес да гостуваат сценски дела од која било светска продукција.
Новиот театар во Велес значи продолжување на успешната театарска традиција на овој град и подигнување на стандардите на театарската дејност, но овојпат во еден репрезентативен театарски објект со простор кој ги задоволува светските стандарди, но и сценски простори со современи технолошки системи во кои ќе се негуваат уметноста и културата и ќе се реализираат содржини од сценско-уметнички дејности со високи технички перформанси.
Во тек е и конкурс за избор на драмски текст кој до крајот на годината премиерно ќе биде изведен на сцената на новиот велешки театар.
Во рамки на посетата премиерот Груевски изврши увид на градежните работи на реконструкцијата на мостот Гемиџии.
Реконструкцијата на мостот почна во февруари годинава. Ова е прва негова посериозна и целосна санација, а инвестицијата е во вредност од близу 32 милиони денари.
Мостот е изграден во периодот меѓу 1958 и 1960 година. Долг е 172 метра, широк 11,3 метри, а ширината на коловозот е седум метри. Досега со исклучок на малата поправка од пред шест-седум години, не е целосно саниран.
Санацијата се одвива во неколку фази и предвидено е да трае една година.
Mостот имаше видливи оштетувања на бетонските површини, коловoзите и тротоарите.
Премиерот во Велес го пушти во употреба и модернизираниот градски стадион на кој се исполнети сите услови за играње меѓународни натпревари. На стадионот е заменета тревата со вештачка, а ќе се обноват и трибините.
Во рамки на посетата во Велес премиерот присустуваше на пуштањето во употреба на новоизградениот парк „Васил Главинов“.