Министерот Попоски се сретна со британска парламентарна делегација
Шефот на македонската дипломатија Никола Попоски денеска ја прими делегацијата на Групата за соработка со Македонија при Долниот дом на Парламентот на Обединетото Кралство, предводена од претседавачот на групата, Карен Лумли.
Во разговорот со британските пратеници, како што информира МНР, министерот Попоски се осврнал на неодамнешната посета на Лондон и на конструктивните разговори со британските политички чинители, како и на учеството на Глобалниот Самит за запирање на сексуалното насилство за време на конфликт.
На средбата, како што се наведува во соопштението од МНР, се разговараше за клучните реформи за интегрирање на Република Македонија во ЕУ, кои се дел од Пристапниот дијалог на високо ниво.
- Околу грчкото попречување на напредокот на Република Македонија кон преговорите со ЕУ беше изнесена важноста од задржување на нарушениот кредибилитет во процесот, се вели во соопштението од МНР.
Министерот Попоски ја истакнал важноста на поддршката која Република Македонија ја добива од Обединетото Кралство и изразил уверување дека отворениот и конструктивен британско – македонски политички дијалог ќе продолжи да се негува и надоградува.
Британските парламентарци уште еднаш ја потврдиле натамошната поддршка на Обединетото Кралство на европската агенда на Република Македонија за полноправно членство во европските и евроатлантските структури.