Работен состанок за спроведување проектите за изградба на пречистителни станици за отпадни води
Поглавјето животна средина е едно од најкомплексните, а воедно и најскапите поглавја за пристапување кон ЕУ, и побарува големи финансиски вложувања за достигнување на поставените стандарди. Продлабочувајќи ја анализата, сосема е оправдана констатацијата дека областите на управување со отпадот и управување со водите се најскапи области.
Ова денеска го кажа министерот за животна средина и просторно планирање Нурхан Изаири во своето обраќање на работниот состанок на тема „Обврските кои произлегуваат за општините и јавните комунални претпријатија пред и во фаза на спроведување на проектите за изградба на пречистителни станици за отпадни води планирани за градба во рамки на ИПА Оперативната програма за регионален развој 2007-2013“.
Преку ИПА, во рамките на програмскиот период 2007-2013 година предвидени се 92 милиони евра кои се однесуваат на пoдготовка на документација и изградба на инфрасктруктура за управување со водите и отпадот.
- Во овој дел за Република Македонија приоритет е управувањето со водите, поради што поголем дел од средствата се насочени кон изработка на документација за собирање и третман на отпадните води во населени места кои се агломерации поголеми од 10.000 еквивалент жители, како и изградба на потребната инфраструктура, истакна Изаири.
Потсети дека веќе се спроведува проектот за проширување и рехабилитација на канализационата мрежа во Прилеп, како и за започнатиот проект за изградба на пречистителна станица за градот Прилеп.
Претставникот на ЕУ делегацијата во Македонија Мартин Клауке нагласи дека Европската унија поставува висoки стандарди за квалитетна животна средина, во кои спаѓаат реките, подземните и крајбрежните води.
- Тоа се цели за постигнување добар статус за евроските води. Ова е навистина многу тежок предизвик, меѓутоа е важно за урбаните отпадни води да се контролираат во самиот извор, истакна Клауке.
Според него имплементацијата на директивата за третменот на отпадните урбани води е многу важна за постигнувањето на целите за животната средина бидеќи, како што рече, тоа покажува дека отпадната вода може да се прочисти и да се пушти во животната средина.
На состанокот беа презентирани активностите кои ги спроведува Министерството и со обврските на општините и јавните комунални претпријатија, во однос на изградбата на пречистителни станици за отпадни води во Радовиш, Струмица, Кичево, Охрид/Струга и канализациски мрежи во Куманово и Берово.