Камен-темелник на новата зграда на Државниот завод за ревизија и Геолошкиот завод

Моделирање на силни, модерни и ефикасни државни институции кои во целост ќе можат да одговорат на својата улога во општеството и ќе бидат предводници на развојот на нашата земја претставува една од основните цели и приоритети на Владата на Република Македонија.

Ова го истакна премиерот Никола Груевски при денешното поставување камен-темелник на новата зграда во која ќе бидат сместени Државниот завод за ревизија и Геолошкиот завод.

Објектот ќе располага со површина од околу 7.000 метри квадратни и ќе се состои од подрум, приземје и шест ката, од кои најголем дел ќе припаднат на Државниот завод за ревизија, помал дел на Геолошкиот завод, а дуќаните во приземјето ќе бидат во сопственост на ПУИК. Ќе чини околу 430 милиони денари или седум милиони евра, а се очекува да биде завршен за две години.

- Години наназад голем број државни институции се селеа од едно на друго место, работеа во импровизирани и несоодветни услови, а државата и граѓаните за сето тоа издвојуваа огромна сума пари за закуп на простории и кирии. Од сето тоа никој не добиваше, освен оние кои со години земале високи кирии од институциите. Губеше државата, губеа институциите и граѓаните, а губеше и целиот процес на модернизација и оптимизација на функционирањето на државните органи, рече премиерот Груевски.

Тој посочи дека токму затоа Владата се зафати темелно и систематски да го решава овој сериозен проблем и во изминатите години изгради повеќе објекти меѓу кои новата зграда на Кривичниот суд, на Основното јавно обвинителство, на Вишото јавно обвинителство, на Основниот и Апелацискиот суд во Гостивар, на затворот во Куманово, на МНР, на МЗШВ,...

- Сето ова јасно говори за нашите намери ред по ред, чекор по чекор да ги решаваме проблемите на државните институции, вработените во нив и да оставиме големи и крупни дела за многу генерации граѓани, потенцира Груевски.

Додаде дека и двете институции што ќе бидат сместени во новата зграда која, како што кажа, по својата функционална корист ќе претставува и уникатно архитектонско здание и ќе даде нова естетска убавина на македонската метропола, во минатото и денес немаа свој објект за функционирање и се соочуваа со неможност за развој и унапредување на својата дејност.

Главниот државен ревизор Тања Таневска посочи дека денеска почнува реализацијата на една од главните цели на Државниот завод за ревизија токму во годината кога институцијата ја слави 15-годишнината од своето успешно функционирање.

- Со тоа симболиката на овој чин добива на значење и за наше натамошно поуспешно работење во функција на заштита на интересите на нашите граѓани, рече Таневска.

Таа посочи дека во минатата 1,5 деценија Државниот завод за ревизија вложуваше максимални напори да се изгради во цврста и стабилна институција која успешно придонесува за промоција и градење демократско општество и владеење на правото, а со тоа и за подобро функционирање на институциите на системот.

- Новата зграда на Државниот завод за ревизија и новите услови за работа ќе претставуваат стимул за нас и за нашиот и досега високо професионален однос кон работата и мандатот што ни е даден со законските прописи да го унапредиме на ниво со кое Република Македонија и понатаму ќе може да се гордее, истакна Таневска.

Новата зграда на Државниот завод за ревизија и Геолошкиот завод се гради на местото на старата зграда на Геолошкиот завод која беше дотраена. Оваа институција во минатото беше укината, а неодамна Владата повторно ја стави во функција.