Груевски: Со електронски залог, подобри услови за бизнис
Регистрацијата на залог во Централниот регистар може да се врши електронски. Воспоставен е нов систем, со инвестиција од 250.000 евра, како надградба на Заложниот регистар, а целата постапка за упис на залог е забрзана.
Со системот е-залог, според премиерот Никола Груевски, се подигнува нивото и стилот на работа во Заложниот регистар, се забрзува постапката и се олеснува водењето бизнис. - Ова претставува уште еден проект во низата, со кој преку воведување нова технологија се создава можност целокупниот процес на регистрирањето на залогот и плаќањето на надоместот да се прави по електронски пат преку интернет. Со тоа ги кратиме редовите на шалтер, го штедиме времето на корисници на услуги, го подобруваме квалитетот на услугата, а со тоа го олеснуваме водењето бизнис, рече Груевски на денешната промоција на системот.
Централниот регистар, укажа, е фокусна точка во заложбите на Владата за подобрување на бизнис климата во Македонија.
- Со активните мерки кои ги презедовме и проектите кои ги реализиравме Македонија година во извештајот на Дуинг бизнис е рангирана на високото 25-то место. Една од клучните компоненти на оваа виоска оценка е рангирањето во сегментот „стартување бизнис“, каде што главниот акцент е врз работата на Централниот регистар и каде Македонија за 2014-та година е рангирана на 7-та позиција од вкупно 189 земји од светот, наведе Груевски, посочувајќи дека причина за добрите резултати се реформите и иноваците што беа дел од работењето на Централниот регистар во изминатите години.
Зорица Пулејкова, претседател на Нотарската комора на Македонија, оцени дека можноста што сега ја дава Централниот регистар за поднесување на пријавите за впишување на регистрираниот залог по електронски пат треба да ја забрза постапката за упис. Целокупната докуметација потребна за уписот нотарите ќе ја достават во Заложниот регистар веќе скенирана и само во електронска форма. Веродостојноста на приложената документација во електронска форма ќе ја гарантира нотарот со својот електронски потпис.
- На тој начин ќе се олесни постапката за граѓаните и за правните лица кои не ќе мора лично да одат во Заложниот регистар, ќе се заштеди време, ќе се зголеми правната сигурност и позитивно ќе влијае на бизнис климата затоа што забрзаната постапка ќе доведе до побрз пристап до кредитите кои ги одобруваат деловните банки, рече Пулејкова.
Според в.д. директорот на Централниот регистар Андреа Поповски, системот за е-залог е пандан на постојниот процес на регистрација во хартиена форма. Разликата се состои во можноста целокупниот процес да се спроведе преку интернет без потреба од физичко присуство, а само со примена на дигитални сертификати како средство за идентификација на подносителот, појасни Поповски.
Дополнителна предност на систем, укажа, е тоа што користи веќе препознатлив изглед и кориснички налог, применет и препознатлив за системите кои се претходно поставени на продукција и и се познати на професионалната заедница што го користи. Системот за електронска регистрација на залог е дел од последната компонента од втората фаза на проектот „Едношалтерски систем“.
Во изминатите години, потсети на промоцијата премиерот Груевски, Центрачниот регистар спроведе проекти за онлајн поднесување годишни сметки, за издавање електронски потврди, проектот регистрациски агент, електронска регистрација во трговскиот регистар и регистарот на други правни лица, апликацијата за е-стечај и е-аукција и системот за спас на податоци.
Според Груевски, во Централниот регистар ќе продолжи примената на мерки што ќе ја помагаат домашната економија и приватниот сектор и ќе внесуваат иновации и попрофесионални стандарди во работењето. Дел од тие проекти се воведување систем за електронска регистрација на лизинг, за фер и правична распределба на стечајните постапки, за тендерско досие и за воведување опција за проверка на основни податоци за фирми со поддршка на англиски јазик.